Заев и Шахпаска: Целосно обновена градинка и народна кујна за Шуто Оризари – општествена одговорност за достоинствен живот за сите
„Општинската народна кујна е пример на кој можат да се угледаат и другите општини каде што живее население во социјален ризик. Посебно сакам да ја истакнам улогата на волонтерите во народната кујна, готвачите и оние што ја разнесуваат приготвената храна на своите сограѓани. Сакам да им честитам на сите општествено одговорни компании и фондации кои учествуваат со свои донации народната кујна секојдневно да ја исполнува својата хумана мисија. Тие се инспиративен пример за да се вклучат што поголем број на компании, бизнисмени, политичари со свој придонес во вакви општествено одговорни проекти“, истакна премиерот Заев на денешната посета на народната кујна во Шуто Оризари која секојдневно готви 320 до 380 топли оброци во кујната на „Детската градинка 8 април“.
Во рамки на посетата, премиерот Заев заедно со министерката за труд и социјална политика Јагода Шахпаска направија увид и на втора фаза на изградба на детската градинка и центарот за деца од улица.
„Целосната обнова на градинката „8 април“ и на Центарот за деца од улица, кои беа опожарени во 2017 година, е во втората фаза, откако во првата беше завршен еден дел од градинката кој веќе функционира со капацитет да згрижи 150 деца. Министерството за труд и социјална политика учествува во опремување на градинката во вредност од 6.5 милиони денари, додека градежните активности се реализираат со 1.5 милиони долари од Амбасадата на Кралството Норвешка во Белград преку УНДП“, објасни премиерот Заев и додаде дека се обезбедени услови според највисоките стандарди за енергетска ефикасност, како и стандардите за пристапност за децата со попреченост да уживаат еднаков пристап со своите врсници.
Министерката Шахпаска ја поздрави иницијативата на Општина Шуто Оризари за отворањето на народна кујна, која што обезбедува оброци за лицата од социјален ризик. Што воедно претставува и пресликување на политиките на централната власт на локално ниво. Хуман и благороден гест кој што значи подигање на општествената свест за грижа на немоќните и на оние кои им е неопходна.
„Покрај грижата за најранливите, високо на агендата на Министерството за труд и социјална политика е и грижата за најмладите. Денеска ја посетивме градинката „8 април“, која е еден заеднички и партнерски проект со Кралството Норвешка и УНДП. Нашата цел е да се догради и вториот дел, со кој би се опфатиле вкупно 306 деца, од кои 70 во јасли. Ова значи и овозможување на мајките да се вклучат на пазарот на трудот“, истакна Шахпаска.
Изградбата на Центарот за деца од улица е планирано да заврши во мај оваа година со што се обезбедува капацитет да згрижува 100 деца од улица на возраст од 5 до 13 години со целодневен престој под грижа на 8 стручни работници.
Претседателката на Општински совет на Шуто Оризари Фатима Османовска истакна дека денешната посета ги охрабрува и дава позитивен сигнал за вклучување на институциите во имплементацијата на народната кујна и се заблагодари на Премиерот за личната донација на намирници, која како што рече треба да служи како пример за личната одговорност да ја вратиме назад во заедницата.