Имаат ли и кои се црвените линии на партиите на Албанците за учество во новата влада
Во преговорите за учество во која и да било идна влада, како што рече Башким Бакиу од коалицијата „Вреди“, услов ќе бидат усвојување на уставните измени и укинување на формулацијата „јазикот што го говори 20 отсто од населението“
Претставникот на „Европскиот фронт“, Крешник Бектеши, пак, повтори дека постои потпишан документ меѓу лидерите на партиите на Албанците (ги спомна Али Ахмети и Арбен Таравари) оти по изборите нема да коалицираат со политичка партија која нема да ги спроведе промените на Уставот
Освен кого од двајцата претседателски кандидати би поддржале во вториот круг од изборите, претставниците на коалицијата „Вреди“, Башким Бакиу, и на „Европскиот фронт“, Крешник Бектеши, во синоќешното издание на емисијата „Топ тема“ на ТВ Телма ги кажаа и црвените линии, односно условите на своите коалиции околу нивно евентуално учество во новата влада по парламентарните избори на 8 мај.
Коалицијата „Вреди“, како што рече Бакиу, останува да го почека изборниот резултат на 8 мај и врз основа на тоа да преговара со кој и да го добие мандатот за формирање на новата влада. Во преговорите за учество во која и да било идна влада, како што рече, црвените линии на „Вреди“ ќе бидат усвојување на уставните измени и укинување на формулацијата „јазикот што го говори 20 отсто од населението“.