Може да гласаат и граѓаните со истечени лични документи од 24 јули 2023 година
На претседателските избори денеска можат да гласаат и граѓаните на кои по кој било основ, по сила на закон или по рок на важност им истекле личните документи на 24 јули 2023 година до 24 април. Согласно преодната одредба од измените на Изборниот законик која ќе се применува само за изборите оваа година, избирачите ќе може да гласаат со лична карта или со патна исправа чија што важност истекла во периодот од девет месеци до денот на одржување на изборите.
Оваа одредба од Изборниот законик е составен дел на Упатството на Државната изборна комисија за начинот на утврдување на идентитетот на гласачите.
Собранието на 7 март во рамки на 147. седница по скратена постапка без расправа ги изгласа измените и дополнувањата на Изборниот законик. Како што појаснија предлагачите, целта на овие измени беше да се допрецизира постојната правна рамка и да се доуредат одредбите од постојното законско решение во насока на инклузивен изборен процес за сите учесници на изборите.