На Косово одржани локални избори: ДЛК и ААК прогласија победи во повеќе општини

Српскиот претседател Александар Вучиќ соопшти дека Српската листа остварила убедлива победа во девет од вкупно десет српски општини на Косово уште во првиот изборен круг.
Денеска на Косово се одржаа локални избори во 38 општини, на кои право на глас имаа вкупно 2 025 105 гласачи. Според прелиминарните податоци на Централната изборна комисија (ЦИК) на Косово, добиени од околу 96,03 отсто од избирачките места, до 19:00 часот гласале 800 331 граѓанин, односно 39,52 отсто од запишаните гласачи.
За овие избори беа сертифицирани вкупно 5 626 кандидати – од кои 206 кандидати за градоначалник, а останатите за места во општинските совети. Во трката учествуваа 93 политички субјекти, меѓу кои 32 партии, 32 граѓански иницијативи, две коалиции и 27 независни кандидати. Иако пребројувањето сè уште не е целосно завршено, Демократската лига на Косово (ДЛК) веќе прогласи победа уште во првиот круг во три општини, како и водство и пласман во втор круг во уште 12 општини. Претседателот на партијата, Лумнир Абдиџику, им се заблагодари на поддржувачите и истакна дека ДЛК постигнала значителен напредок.




















































































































































































































































































































































































































































































































































































































































































































































































































































































































































































































































































































































