Нема да дежураат и да работат во амбуланта додека не добијат договор за вработување – приватните специјализанти во штрајк
Приватните специјализанти стапија во штрајк. Се заканија дека сè додека не им се зголемат плaтите и не добијат договор за вработување, нема да одат на работа во амбулантите и нема да дежураат. Го обвинија ресорното министерство дека нема слух за нивните клучни барања.
„После протестот којшто го организиравме на 27 март имавме средба со министерот за здравство Илир Демири на која ни беше ветено дека нашите барања ќе бидат изнесени на следната седница на Влада, меѓутоа од тогаш па до ден денес имаше две седници на Влада и на ниедна од нив не беа претставени нашите барања и немаме никаков одговор“, вели д-р Христина Илиоска – Чешлароска, приватен специјализант по интерна медицина.
Приватните специјализанти со порака дека сакаат да останат во државата, но лошите работни услови ги демотивираат. Велат дека вложиле многу труд за завршување на факултетот кој трае шест години, стекнување на лиценца и завршување на пракса за да можат да бидат доктори, но наместо награда, велат, се деградирани. Дежураат по 24 часа и се грижат максимално за пациентите, а добиваат ниска плата.
„Имав труење и требаше да си ја платам инфузијата 1.000 денари на Клиниката за инфективни болести затоа што не сум здравствено осигурана. Другата опција е дополнително да издвојуваме средства од тие 26.000 денари кои ги земаме за да ги покриеме здравственото осигурување и пензиските трошоци. Нашиот статус никако не е решен без разлика колку ние имаме вложено и време и сила и колку жртви да имаме направено, сепак за жал не ги имаме добиено соодветните услови за работа“, вели Тамара Пејоска, специјализант на пластична и реконструктивна хирургија.
Од Министерството за здравство во штрајкот на специјализантите гледаат политичка позадина. Им порачаа дека во предизборие не можат да се носат вакви одлуки.
Околу 400 приватни специјализанти штрајкуваат. Директорите на клиниките тврдат дека тоа нема да се одрази врз нивната работа, објаснуваат дека веќе повикале специјализанти и се организирале во смени.