Од денеска не важат антикризните мерки, ДДВ за храна се враќа на пет, а за горива на 18 проценти

Од денеска престануваат да важат дел од антикризните мерки што Владата ги воведе во март со цел ублажување на последиците од енергетската криза и заштита на стандардот на граѓаните. Основните прехранбени продукти повеќе нема да се продаваат со нула проценти ДДВ, а од денес се враќа и ДДВ-то за бензините на 18 проценти.

Во изминатите три месеци, ДДВ-то за лебот, брашното тип 400, сончогледовото масло за јадење, трајното млеко, оризот и јајцата беше намалено од пет на нула проценти, а на предлог на Министерството за економија беше донесена и одлука за намалување на трговските маржи.

Како дел од 26-те антикризни мерки беа и намалувањето на акцизите и на ДДВ-то од 18 на 10 проценти на енергенсите.

Укинувањето на антикризните мерки се очекува да предизвика пораст на цените на храната и на енергенсите. Од полноќ по нова, зголемена цена веќе се продаваат горивата. Цената на Еуросупер БС-95 и на дизелот е зголемена за девет денари за литар, а на Еуросупер БС-98 за 9,5 денари за литар. За 8,5 денари за литар поскапо е и Екстра лесното масло за домаќинство. Според новите цени, Еуросупер БС-95 се продава за 104 денари, Еуросупер БС-98 за 106,5 денари за литар, дизелот за 95 денари, а Екстра лесното масло за домаќинство за 93 денари.

Од Владата вчера не информираа дали на вчерашната седница било разговарано за продолжување на антикризните мерки. Од опозицијата, пак, најавија дека ќе поднесат закон со кој ќе предложат прехранбените производи да бидат ослободени од ДДВ до крајот на годината, а ДДВ-то на горивата да биде пет проценти.

Related post