Почнува кампањата за паралментарите избори, активности ќе има и во молкот за претседателските
Кампањата за Парламентарните избори почнува денеска со активности на партиите и коалиците за претставување на изборните програми и кандидатите за пратеници во шесте изборни единици. Активности ќе има и за тековната кампања за Претседателските избори која ќе трае уште пет дена.
Коалицијата „Европска иднина“ предводена од СДСМ ја стартува парламентарната кампања со настан „Нема откажување од иднината“ во Скопје, а ќе има и митинзи во Демир Капија и во Гевгелија. Активности ќе има и претседателскиот кандидат Стево Пендаровски. ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата „Твоја Македонија“, пак, традиционално ќе ја почнат кампањата со митинг во Охрид, а ќе се претстави и кандидатката за претседател Гордана Силјановска Давкова.
Претседателскиот кандидат на Левица, Билјана Ванковска кампањата за претставување на изборната програма ја продолжува со митинг во Велес, на кој ќе се обратат и претседателот на Левица и носител на листа на ИЕ1 Димитар Апасиев и носителот на листа на ИЕ3 Борислав Крмов. Најавени се активности и на останатите учесници на изборите со кандидатски листи Коалцијата „Храбро за Македонија“ која ја сочинуваат ГРОМ, ПЦЕР и Интегра, партиите Македонска Ера Трета, Демократи, Аваја, Твоја партија, Родина Македонија, Единствена Македонија…
Кампањата за парламентарните избори завршува на 6 мај. Активности за оваа кампања ќе има и на 23 април, денот на изборен молк за Претседателските избори, за кои првиот круг ќе се одржи на 24 април, а вториот на 8 мај кога ќе се гласа за пратеници.