По 8 Април – доаѓа 9 aприл

Искрени честитки и заложби за подобар живот, рамноправност, еднаквост на Ромите или уште едни предизборни ветувања на политичките чинители.

Денот на Ромите, 8 Април, го чествуваа и кандидатите за Претседател на државата, но и политичките партии кои ќе настапат на парламентарните избори. Речиси сите упатија пораки дека Ромите се дел од нашето мултикултурно општество, дека се лојални граѓани, дека треба поголема вклученост во извршната и законодавната власт итн. итн…

Денес сме 9 април, Ромите повторно се нарекуваат со погрдни зборови (циган, ѓуптин, ќумбе…), Ромите од денес повторно се најдискриминираните граѓани, чекаат и по цел саат на автобуските станици, сè уште се возат во стари и искршени автобуси, сè уште важи „правилото“ дека Ромите живеат таму кај што завршува асвалтираната улица, сè уште има деца кои наместо на училишни клупи просат низ улиците…

За еднаквост и рамноправност може да збориме кога Ромите ќе извршуваат или раководат значајни функции во државните институции, а тоа да не биде само советник во Влада за унапредување на правата на Ромите, или да е шеф на смена во Комунална хигиена… Ромите ќе бидат еднакви кога ќе им се дозволи да раководат со сектор кое ќе биде за општото добро на сите граѓани.

Треба да престане праксата Ромите да се занимаваат само со прашања и теми кои се поврзани со Ромите.

П.С. Досега ниту еднаш не добив покана за прослава на Денот на Ромите, не присуствував на ниту еден настан, дебата, коктел, концерт, без разлика дали е организирано од државна институција или ромска невладина организација. Причините можеби се следните:

  • Не не сметаат за Ром;
  • Ми го немаат телефонскиот број или е-маил адресата, (Фејсбук);
  • Не сум од ромската елита;
  • Немам струкиран костум, лакирани чевли и оргинал часовник;
  • Не сум припадник на ниту една политичка партија.

Како и да е, живели!

Среќен да е денот за тие што го слават, а јас и понатаму ќе продолжам да бидам гласот на обесправените, дискриминираните и немоќните граѓан(к)и, вклучително и Ромите.

Related post