#NVO #Roma ki MK

Советот на честа при ЗНМ: Осуда за навредливиот говор на Филип Петровски во поткаст на „Инфомакс“

Советот на честа при Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ), доби барање од граѓанската организација Едукативен медиумски центар 24 Вакти за објавување јавна реакција за навредливиот говор употребен во поткастот „Тешки Муабети“ со Филип Петровски, Мечка и Миќо, епизода 188, сезона 5, од 5 јуни 2025, пренесуван во живо, преку Фејсбук.

Советот го разгледа соодветниот поднесок, и следствено остро го осудува користењето на вознемирувачкиот говор во поткастот на „Инфомакс“ од страна на гостинот Филип Петровски. Во емисијата, и покрај забелешката на водителот, Петровски употреби изрази „цигани“ и „циганска работа“ во негативен контекст, а во истиот наратив го употреби и „Ром“, со што ја навредува ромската заедница и придонеува кон ширење етнички стереотипи и нетрпеливост. Во истиот поткаст беа употребени и други навредливи изрази кон други заедници, што исто така го осудуваме.

Употребата на вакви дискриминаторски и навредливи термини е во спротивност со професионалните и етичките стандарди на новинарството. Потсетуваме на член 10 од Кодексот на новинарите на Македонија, кој јасно наведува дека: „Новинарот нема свесно да создава или обработува информации што поттикнуваат или оправдуваат дискриминација по која било основа – како што се етничка припадност, религија, пол, сексуална ориентација, политичка припадност или општествено потекло“.

Иако Петровски настапуваше како гостин, медиумите имаат должност да спречат вакви изјави да бидат пренесувани, или ако се случиле во емисија во живо треба да има јасна и недвосмислена ограда. Советот на честа, забележува дека водителот се обиде да реагира на изјавите, со што го прекори гостинот за навредливиот говор, но, сепак, ваквите ситуации бараат поодлучна уредничка интервенција и недвосмислено дистанцирање од дискриминаторски изјави во моментот, преку сопирање на развојот на ваквата дискусија и осуда од целиот уреднички тим.

Советот апелира до сите медиуми и новинари за поголема внимателност и професионализам при изборот на гости и уредничко модерирање на емисии, особено кога тие се во живо.

На крај, Советот на честа го повикува Филип Петровски да ѝ се извини на ромската заедница за навредливата и недолична изјава што ја изнесе во јавниот простор. Јавното извинување би претставувало чин на одговорност и придонес кон поправка на нанесената штета.

Совет на честа при ЗНМ