Финиш на претседателската кампања, кој ќе трча во втор круг?!
Кампањата за претседателските избори утре влегува во завршница пред гласањето в среда.На претпоследниот ден од кампањата денеска Скопје беше преплавено од облаци со дожд, но и од митинзи и средби на претседателските кандидати.
Kоалицијата за европска иднина и кандидатот за претседател Стево Пендаровски имаа централен граѓански митинг пред зградата на ЕУ во Скопје.
Актуелниот шеф на државата Стево Пендровски, кој се бори за втор мандат како кандидатот на владејачката СДСМ и коалицијата, на митингот уште еднаш нагласи дека ЕУ е единствениот пат кон подобра иднина. Пендаровски тврди дека Македонија може да продолжи кон Европската Унија само со актуелната политичка структура и повтори дека ВМРО-ДПМНЕ е главната кочница за европската иднина на граѓаните и порача дека овие избори имаат историско значење во делот за евроинтеграциите.
-Пред странските дипломати покажуваат формална подготвеност за деблокада на евроинтегациите, а на митинзите повторуваат дека уставни измени нема да има под бугарски диктат, рече Пендаровски, кој изминатите денови упати критики дека опозициската ВМРО-ДПМНЕ изминативе години е таа која останува на антимакедонски позиции на Бугарија и ги поддржува опструкциите кои доаѓаат од таа страна.
Тој се осврна и на настаните од 27 април 2017 година, истакнувајќи дека ни на сон не им паднало да влегуваат во Парламентот и да убиваат колеги пратеници. Како што рече, и по толку години наместо да се извинат и да кажат погрешивме, тие преку нивната противкандидатка најавувале амнестија на тие луѓе.
Митингот започна со интонирање на националната химна, а на митингот прв гостин беше Стефан Левен, претседателот на Партијата на европски социјалисти кој е поддржувач на европската иднина на земјава.
-Не сме ние направени од лажните чоколади на Груевски, Мицкоски, Ставревски ниту од лажни стиропори и барок на Груевски, па да не стопи еден дожд, изјави претседателот на СДСМ, Димитар Ковачевски, од митингот во Скопје и ги замоли присутните да ги тргнат чадорите за момент за како што рече „платениот национален сервис од партиски пари да види колку ги има овде за европска Македонија“.
Ковачевски порача дека СДСМ е државотворна партија, партија која своите корени ги влече уште од социјалистот Гоце Делчев.
„СДСМ е државотворна партија, партија која своите корени ги влече уште од социјалистот Гоце Делчев, од Народно ослободителната борба, од претседателот на КПМ, Лазар Колишевски, преку Перо Гошев, Бранко Црвенковски, Владо Бучковски, Радмила Шекеринска, Зоран Заев, па сè до ова раководство на СДСМ. Едно заедничко за сите нив е што ништо не може да ги спречи во намерите за подобра Македонија, а најмалку тоа може да го направи еден дожд“, вели Ковачевски.
Евроатланските интеграции како и уставните измени беа темите за кои најмногу зборуваа и останатите кандидати за претседател на митинзите и настапите во медиумите кои почнаа на 4 април, а во фокусот беа и внатрешните состојби во државата, поврзани со економијата, борбата против криминалот и корупцијата, правосудството и меѓуетничките односи, па се до актуелните светски случувања и позицијата на земјава во светот.
Сите седуммина кандидати за претседател на државата меѓу кои има универзитетски професори, лекари и градоначалници кампањата во почетокот ја водеа на мирна основа, но во последните денови, аналитичарите оценија дека ова го нарушија многу меѓусебните обвинувања и саркастични навреди кои си ги упатуваа кандидатите за претседател и партиите кои стојат зад нив.
Кандидатката за претседател од ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата, Гордана Силјановска–Давкова, на митинзите порачува дека не се анти-ЕУ и истакнува дека се за европски стандарди во земјава. Таа тврди дека владата само декларативно се залага за ЕУ. „На митинг во Делчево таа упати критики до власта дека институциите се користат во партиски цели за снимање спотови и славење родендендени и од граѓаните побара поддршка за, како што рече, да ставиме крај на ужасната феудализација во Македонија од луѓе со ограничен ум, и од луѓе кои преку ноќ се збогатија.
Давкова, на митинг во Делчево, рече дека ѝ е „чест е да се биде во Делчево, градот на Гоце, кој, како што посочи, за актуелниот претседател е Бугарин“. Силјановска-Давкова рече и дека Стево Пендаровски бил еднакво одговорен за „скандалите и криминалите на ДУИ“.
„Претседателот воопшто не е невин. Барем дваесетина пати требаше да посегне по ветото кога се носеа лошите закони. Тој, скромно, тоа го стори два пати, а вториот пат не по сопствена волја, туку по приговор на Европската Унија, рече Силјановска-Давкова.
И Бујар Османи кандидатот на ДУИ и коалицијата во своите настапи најмногу зборува за европската иднина. Османи порачува дека овие избори имаат историско значење, особено во делот за евроинтеграциите. На митингот во тетовскиот крај Османи вети дека големиот Европски фронт ќе стане мост кон Брисел
-Оваа одлука во среда, ја одредува насоката во која ќе оди иднината на нашиот народ, на нашата земја. За жал се соочуваме и со голема закана што доаѓа од национализмот, кој е во постојан раст, и се надева дека овој голем Европски фронт што е изграден, ќе стане силен штит кон тој национализам и ќе изгради мост што ќе води до Брисел, изјави Османи
Османи побра поддршка од гласачите за вториот круг во кој како што рече ќе се натпреваруваат еден Македонец и еден Албанец.
И Кандидатот за претседател на албанската опозиција „Вреди“, Арбен Таравари, вели дека изборите се историски. Смета дека по случувањата во Украина во светот геостратегијата е целосно променета и порача дека треба да се спречи руското влијание. Тој заедно со лидерите на коалицијата ВРЕДИ одржа митинг во Цирих и оттаму испрати порака дека дијаспората е предводник на позитивните промени за Албанците во Македонија.