ШУКОВА ВЕТУВА РЕВОЛУЦИЈА ВО ГРАДОТ 15 нови паркови и чист воздух за само 15 месеци

За чист воздух во Скопје не е доволно да се посади дрво или да се замени неколку автобуси – потребна е синхронизирана и одлучна акција на сите нивоа, порача Каја Шукова, кандидатката за градоначалничка на Скопје од СДСМ, на дебата на ТВ24.
Таа истакна дека изворите на загадување се јасно идентификувани и дека борбата со овој проблем мора да опфати интервенции во греењето, јавниот превоз, управувањето со отпадот и одржувањето на зеленилото.
– Идентификувани се изворите на загадување и на ниво на Град Скопје и на ниво на држава. Потребна е интервенција во многу сектори: начинот на затоплување, јавниот превоз, управувањето со отпадот и зеленилото, кое со години е запоставено – изјави Шукова.
Шукова нагласи дека е подготвен сеопфатен план со мерки на краток, среден и долг рок, при што дел од активностите може да почнат веднаш и да дадат брз ефект.
– Има мерки што може многу бргу да се реализираат, како што е БРТ системот, кој директно ќе го намали загадувањето од сообраќајот. Или, на пример, проектот за 15 нови паркови за 15 месеци, кој ќе придонесе за почист воздух и подобар урбан живот – додаде таа.




















































































































































































































































































































































































































































































































































































































































































































































































































































































































































































































































































































































