Веќе е готов нов закон со кој се предвидува не само етничка туку и полова и секаква друга застапеност во институциите, уверува Таравари
Со нов закон ќе се гарантираат етничка, полова и застапеност во институциите на сите категории луѓе што живеат во државата, рече денес министерот за здравство, Арбен Таравари, по вчерашното укинување на балансерот за вработување во јавните институции. Тој нагласи дека Уставниот суд одлучил на површина да извади проблеми што стојат со години во судот во првите сто дена од Владата, но уверува дека и по укинувањето на балансерот, етничката застапеност е проблем што лесно може да се реши.
„Многу едноставно ќе се најде механизам, кога етничката припадност е уставна категорија, ни треба нов закон. Со законот ќе се предвидат не само етничката, туку и половата и секаква друга еднаквост во институциите на системот. Законот е готов од наша страна, очекуваме и мислења кои доаѓаат од меѓународни експерти и од Европската комисија и се надевам набргу ќе го процесуираме овој закон во парламентот“, рече министерот Таравари.
Уставниот суд вчера го укина балансерот за вработувања и забрани во огласите за вработување да стои етничката припадност. Доцна синоќа на прес-конференција пред Уставниот суд ДУИ оцени дека одлуката на судиите е тежок удар врз Уставот, врз Охридскиот мировен договор и врз мултиетничката стабилност на државата. ДУИ ги повика сите надлежни институции и меѓународната заедница веднаш да реагираат и ги осигураат граѓаните дека правичната застапеност ќе биде непроменета.
Претседателот на Уставниот суд, Дарко Костадиновски, вчера по укинувањето на балансерот рече дека лага и манипулација е тврдењето дека Уставниот суд со одлуката укинал права на која било заедница. Тој укажа дека темелната и соодветна правична застапеност е во Уставот, постои, не може да стане збор за нејзино укинување и ги повика пратениците да најдат решение кое нема да биде противуставно.
„Апелирам до граѓаните, до државните органи, политичарите ако навистина и мислат добро на Републиката, ако навистина сакаат правна држава во која ќе владее правото, своите јавно прокламирани ставови и заложби за владеење на правото, за европски вредности да ги усогласат со своите постапки. Секое делување надвор од овие рамки за мене е чиста манипулација со граѓаните каква што беше манипулацијата дека судот со своето постапување по ова или по кој било друг предмет, може да ги наруши политичките, етничките односи или да биде повод за дестабилизација“, рече претседателот Костадиновски.
Меѓудругото, тој објасни дека балансерот е укинат оти како мерка, судејќи според многу извештаи меѓу кои и извештаи на Европската комисија, место да обезбедува правична застапеност со години веќе продуцира дискриминација оти дозволува помалку стручни кадри да добијат работни места во администрацијата само врз основа на етничка припадност.