Денешна агенда на претседателските кандидати

Пред зградата на ЕУ во Скопје денеска во 13 часот митинг ќе одржат СДСМ со Коалицијата за европска иднина и нивниот кандидат за претседател Стево Пендаровски, додека во 20 часот на плоштадот Македонија ќе митингува коалицијата на ДУИ, Европски фронт. На митингот пред мисијата на ЕУ најавено е обраќање на претседателот на Пaртијата на европски социјалисти и демократи – ПЕС, Стефан Левен, претседателот на СДСМ Димитар Ковачевски, како и претседателскиот кандидат Стево Пендаровски. редвидено е куси обраќања да имаат и носителите како и коносителите на изборните листи на СДСМ и Коалицијата

Поради двата митинзи кои се очекува да имаат голема посетеност, МВР уште од синоќа спроведува посебен сообраќаен режим во централното градско подрачје со затворање на делници од булеварите кон зградата на ЕУ, додека вечерва ќе има времено затворање на улици и булевари кои водат кон плоштадот Македонија.

Продолжуваат и кампањите за претстојните претседателски и парламентарни избори и на останатите учесници и партии на претседателските избзори кои ќе се одржат во среда, на 24 април, како и за парламентарните избори на 8 мај, кога веројатно ќе се одржи и втор крут од претседателските избори.

Опозициска коалиција „Вреди“ ќе одржи митинг на плоштадот во Гостивар.

Движењето ЗНАМ – За наша Македонија ќе одржи прес-конференција пред Националната и универзитетска библиотека „Св. Климент Охридски“ во Скопје, на која ќе се обрати носителот на листа во Изборната единица 1, Бобан Карапејовски.

Својата програма пред граѓаните денеска ќе ја презентира и Работничката партија, која во Струга ќе оствари средба со граѓаните пред Соборниот храм „Св. Ѓорѓи“.

Синоќа во рамки на третиот ден од кампањата за парламентарните избори, СДСМ и Коалицијата за европска иднина одржаа граѓански собир во Тетово, Брвеница и Желино. Претседателскиот кандидат Стево Пендаровски одржа синоќа митинг во Струмица. Таму, пред граѓаните, тој кажа дека уште во 2014 година „еден човек“, а тоа Зоран Заев, му кажал дека од него ќе направи претседател на Македонија. Пендаровски му кажал дека таа година Заев рекол дека тогашните парламентарни избори се само загревање за изборите во 2016 година за победа на СДСМ. За Венко Филипче, рече дека е „испратен на привремена работа во Струмица“, како носител на изборната листа во ИЕ4.

Кандидатот за претседател од ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата, Гордана Силјановска – Давкова, вчера и синоќа имаше митинзи со коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ пред граѓаните на Берово, Пехчево и Делчево, градот на Гоце, како што рече, „кој за актуелниот претседател е Бугарин“.

„Институциите треба да бидат насочени кон искористување на јавно добро, а не да ги користите во политички цели, да снимате спотови во институциите, славите роденден. Институциите не смеете да ги фамилијализирате. Затоа ние треба да ставиме крај на ужасната феудализација во Македонија од луѓе со ограничен ум, од луѓе кои преку ноќ се збогатија“, рече Силјановска – Давкова.

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски на синоќешниот митинг во Пехчево пак, ја побара поддршката од граѓаните за освојување на 61 пратеник за формирање на стабилна влада која, како што рече, ќе ја трансформира Македонија и исправи сите погрешни политики од изминатите шест и половина година и повика на национално обединување.

Претседателскиот кандидат Стевчо Јакимовски од митинг во Скопје порача дека од никого не се плаши, дека за достоинството на Македонија е подготвен и главата да ја даде, а на опозицијата ѝ порача дека нивното „измеќарство“ го чита како на рентген. На митингот говореа и коалициските партнери Љупчо Ристовски и Самка Ибраимовски кои на граѓаните им порачаа да гласаат за Јакимовски зашто тој е најхрабриот политичар од осамостојувањето на Македонија.

Движењето ЗНАМ – За наша Македонија, во рамки на претседателската и парламентарната кампања, синоќа во Битола одржа митинг на кој се обрати претседателскиот кандидат Максим Димитриевски и порача дека без дефинирање на црвени линии за државата, нема ниту разговор за коалицирање со опозицијата. Димитриевски на граѓаните во Битола им порача дека доколку ја добие нивната поддршка, како врховен командант ќе се заложи да се заштитат правата на граѓаните, како и правата на бранителите, затоа што како што рече, политичарот не смее да биде над граѓанинот.

Претседателскиот кандидат од Европскиот фронт, Бујар Османи, вчера посети неколку тетовски села од каде порача дека постојат реални шанси да помине во вториот круг како кандидат Албанец, бидејќи како што рече, кандидат е на девет политички партии и четири заедници, кои вкупно сочинуваат 47 отсто од населението во Северна Македонија, Албанци, Турци, Бошњаци и Роми, но и додаде дека гласовите на граѓаните ќе се „расплинат“ на пет кандидат што му дава дополнителна шанса да влезе во вториот круг.

Претседателскиот кандидат на Левица, Билјана Ванковска, продолжи со преставување на својата програма во Битола заедно со партијата, од каде упати порака дека е среќна што токму Битола е местото кое и ја дало најголемата поддршка за време на собирање на потписите. Рече дека таа победа ќе се преслика и во среда низ целата Република.

Таа нагласи дека настапува како дел од „победничка црвена армија“ и дека Левица и таа самата се за Европа, но и дека како во балон ќе ја боцнат ЕУ за да се осознае вистинската приказна за Унијата и нејзиниот однос кон Македонија.

Кандидатот за претседател на Вреди, Арбен Таравари заедно со лидерите на коалицијата Вреди вчера одржале митинг со нашите сограѓани иселени во Цирих.

„Македонија на овие избори се соочува со многу важен крстопат. Изборите се историски бидејќи основата на политичката трка на Македонија, ако ја поедноставиме, излегува дека е албинизмот наспроти вучизмот, рече Таравари. Тој се заложи за градење односи со сите соседи, притоа не наведувајќи ја само Србија.

Таравари побарал поддршка од нашите сограѓани и истакна дека дијаспората е предводник на позитивните промени за Албанците во Македонија.

Related post