ДИК ги објави конечните резултати од првиот круг, избраните градоначалници треба да ја преземат локалната власт
На 31 октомври граѓаните од 44 општини ќе гласаат уште еднаш за градоначалник на нивната општина. Претседателот на Државната изборна комисија, Александар Даштевски е оптимист дека проблемите со биометриските уреди за идентификација на избирачите нема да се повторат во вториот круг.
Според податоците, ВМРО-ДПМНЕ е партијата која освои најмногу општини во првиот круг, вкупно 21, потоа следува СДСМ со 9, додека ДУИ доби само две општини, Липково и Сарај.
Во општините Маврово-Ростуше и Центар Жупа гласањето ќе се повтори, бидејќи не е исполнет законскиот цензус – на гласање да излезат најмалку 1/3 од запишаните гласачи во Избирачкиот список.
Алијанса и Алтернатива во првиот изборен круг не освоија ниту една општина. Во вториот круг ќе се тркаат во Гостивар, Струга, Дебар и Чаир. Во Тетово ќе се соочат ДУИ и Движење Беса.