Закон за граѓанска одговорност за клевета и навреда: Реакции за можното казнување за „негативно мислење“
ЗНМ и АВМУ предупредуваат дека ваква дефиниција може да поттикне бран тужби кон новинари само за искажано мислење и да предизвика медиумско самоцензурирање, додека Министерството за правда најавува корекција во текот на амандманската расправа
Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (АВМУ) реагира на владиниот предлог-закон за граѓанска одговорност за навреда и клевета, кој е во прва фаза на читање во Собранието, поради предвидената одговорност за „негативно мислење“, во случај на навреда.
Иако по повеќе реакции во јавноста од Министерството за правда соопштија дека станува збор за погрешна формулација, за кој ќе се интервенира при амандманската расправа во парламентот, од АВМУ предупредуваат денеска дека повикувањето на одговорност за изразено „негативно мислење“, на начинот на кој е дефинирано во предлог-законот, е спротивно на сите демократски практики и може да предизвика медиумско самоцензурирање.
„Можноста за санкционирање поради искажано негативно мислење остава простор за злоупотреба и казнување на медиумските професионалци. Новинарите се гласот на јавноста и тие честопати при вршење на својата работа упатуваат критика за одредени политики или појави во општеството и на тој начин поттикнуваат јавна дебата и придонесуваат за поголема одговорност, отчетност и транспарентност на претставниците на власта“,
велат од АВМУ.
Правото на слобода на изразување, нагласуваат, е уставно загарантирано право и е гарантирано и со Европската конвенција за заштита на човековите права. Ова право ги опфаќа слободата на мислење и слободата на примање и пренесување информации или идеи, без мешање на јавната власт.
Од Министерството за правда велат целосно ги поддржува новинарски слободи и права и сите закони ги носат со здруженијата, а во интерес на објективното и слободното информирање.
За предвидената одговорност за искажано негативно мислење, претходно реагираа и од Здружението на новинари, при што посочија дека станува збор за нова дефиниција која отвора простор за погрешни толкувања.
„Во предлог законот за клевета и навреда, во моменталната верзија, во дефиницијата за навреда се вели дека ќе се одговара и за изразување „негативно мислење“. Оваа дефиниција е нова и се разликува од постоечкиот закон, а на начинот на кој е дефинирана остава простор за погрешно толкување од страна на граѓанскиот суд на штета на слободата на изразување“,
реагираат од ЗНМ и бараат дефиницијата за навреда соодветно да се коригира така што ќе се врати старата дефиниција од законот од 2013 година.
Од ЗНМ посочуваат дека, иако во локалната судска пракса предметите кон медиумски работници се пред сè за клевета и речиси да нема за навреда, ваква дефиниција, доколку не се измени, може да поттикне во иднина бран на тужби кон новинарите само за искажано мислење. Тоа, како што се наведува, е спротивно со начелата на слободата на изразување и правото на информирање на граѓаните
Текстот на овој предлог закон, нагласуваат од ЗМН, од друга страна предвидува значително намалување на нематеријалната штета за новинарите и медиумските работници, како барање што Здружението претходно го имало кон Министерството за правда.