Започнува изградбата на најголемиот трговски центар во регионот кој ќе донесе 20 нови светски брендови

Во Скопје денеска беше потпишан договорот за најголемиот синдициски заем во земјава во висина од 72 милиони евра со што се заокружува финансирањето за изградба на трговскиот центар „East Gate“ кој е дел од мултифункционалниот проект „Skopje East Gate“.

Трговскиот центар ќе биде најголем во регионот и се очекува да биде отворен до октомври-ноември следната година. Според најавите, ќе ја има најголемата „Зара“ во регионот на површина од 4.700 метри квадратни. Четириесет проценти од површината во шопинг центарот ќе биде со 20 нови светски брендови кои досега не се присутни во државата, а ги има во земјите од Централноисточна Европа.

– Трговскиот центар се проектира да има 12 милиони посетители годишно, а закупиците годишно да остваруваат нето промет од 120 милиони евра. Овој проект се очекува да донесе повеќе од 2500 вработувања пред се во секторот трговија, но и во услужните дејности компатибилни со трговијата, истакна генералниот извршен директор на „East Gate“, Игор Давков.

Како што посочи, веќе се потпишани договори за закуп со над 150 трговци и издадени се над 80 проценти од центарот.

Лидер на заемот е НЛБ Банка АД Скопје, а покрај неа учествуваат и НЛБ д.д. Љубљана, Комерцијална банка АД Скопје, Raiffeisen Bank Албанија и Халк банка АД Скопје.

Според претседателот на Управниот одбор на НЛБ Банка АД Скопје, Антонио Аргир, со денешното потпишување банките покажуваат дека заеднички можат да поддржат големи развојни проекти и во услови на криза.

Покрај шопинг центарот, овој мултифункционален проект во себе вклучува и изградба на високо квалитетен резиденцијален и деловен простор. Вкупната изградена површина изнесува над 500 илјади метри квадратни.

Од „Балфин групацијата“ се задоволни од поддршката што ја добиваат од банките и државните институции. Групацијата е позната по изградбата на Скопје Сити мол, а присутна е и во повеќе држави од Западен Балкан и неколку држави во Европа. Вработува повеќе од шест илјади луѓе.

 

Dzulia Selim Memed

https://www.24vakti.mk

Related post