ИРАНСКИОТ НАПАД НЕМА ДА ПОМИНЕ БЕЗ ОДГОВОР, КАЖА ШЕФОТ НА ИЗРАЕЛСКАТА ВОЈСКА
Шефот на Израелските одбранбени сили Херци Халеви изјави дека иранскиот воздушен напад врз Израел нема да помине без одговор.
„Ги разгледуваме следните чекори. Ќе одговориме на лансирањето на толку многу проектили и дронови кон израелската држава“, кажа Халеви, кој ја посети воздушната база „Неватим“ во јужен Израел, која беше погодена викендов.
Воениот кабинет на Израел се состана вчера за да разговара како да му се одговори на Иран за досега невидениот напад, но формална одлука не беше соопштена. „Ченл 12“ објави дека се разговарало за повеќе опции и секоја предвидува „болен“ одмазднички напад што не би предизвикал регионална војна.