Одбележан Меѓународниот ден на Ромите во Битола

Со културно – забавна програма, во организација на Здружението „Ромска ѕвезда“, денеска на Плоштадот Магнолија во Битола, се одбележа Меѓународниот ден на Ромите.

На настанот, присуствуваа голем број гости, пратеничките од Битола, Силвана Ангелевска и Олга Лозановска, а во име на Советот на општина Битола, пред присутните се обрати советничката Лидија Павловска, изразувајќи искрени честитки за континуираната соработка и заедничката заложба за подобрување на условите за ромското население.

Градоначалникот на Општина Битола, Тони Коњановски, потсетувајќи на активностите кои ги реализира општината во соработка со ромските организации и други претставници на невладиниот сектор, потсети на проектите кои се спроведуваат преку Ромактед програмата, Проектот „Баир“ – Здружена акција на Битола за вклучување на Ромите, како и други активности кои имаат за цел подобрување на образовниот статус, инфраструктурата и условите за домување на Ромите.

„Ви благодарам за честа која ни ја покажавте денес на овој начин, со искрени желби за братска љубов и оној соживот кој го имаме години наназад, да продолжиме да го развиваме. Општина Битола, секогаш оддава голема почит кон ваквите активности. Со тоа, покажуваме дека ромската заедница е дел од нас. Заедно продолжуваме понатаму. Битола е мултикултурна и мултиетничка заедница. Локалната самоуправа секогаш ќе биде на Ваша страна, секогаш ќе имаме проекти кои ќе ве афирмираат, за да можеме успешно да го продолжиме животот на овие простори. Честит празник – 8 април – Меѓународниот ден на Ромите!“, рече градоначалникот Коњановски, во своето обраќање пред присутните.

Related post