ОХРИД Е ПОЛН СО ГОСТИ, НО ХОТЕЛИТЕ СЕ ПОЛУПРАЗНИ

Бројни туристи претежно од соседните држави, но и домашни посетители пристигнаа во Охрид за да ги прослават велигденските и првомајските празници. Помали групи туристи има и од Словенија, Турција и Полска.

За продолжениот празничен викенд претежно се наполни приватното сместување, а голем дел од посетителите имаат и свои станови. Од Асоцијацијата на хотелиери (ХОТАМ) велат дека хотелите на охридско-струшката ривиера останаа со половична исполнетост.

„Бројката е нешто помала од очекуваната, хотелите се исполнети околу 60 отсто, но сепак сме задоволни зашто домашните гости, поради слободните денови кои повеќето ги споија со денот на гласањето, одлучија да отпатуваат надвор “, вели претседателот на ХОТАМ, Крсте Блажески.

По традиција, првомајските празници се репер за успешноста на претстојната туристичка сезона. Туристичките работници велат дека поголема посетеност се очекува пред и за време на сезоната.

„Очекуваме многу подобра туристичка сезона според најавите кои ги имаме. Најави има од Турција, Холандија, Полска но и од други земји“, вели Блажески.

Цените во туристичко-угостителскиот сектор бележат зголемување, но според туристичките работници, Охрид и натаму е најевтина дестинација во регионот.

„Мислам дека понудата еволуира како и туристите што еволуираат, би рекол дека има една стандардизирана форма на понуда која што се збогатува. Не може Охрид радикално да ја промени својата понуда, бидејќи она што го имаме сепак се светски вредности, но добро е дека ја прошируваме. Генерално бројот на туристи укажува дека сме на добар пат и секогаш има простор за подобрување”, вели професорот Сашо Коруноски.

Охрид годинава е украсен во знакот на Велигден. На плоштадот „Свети Климент Охридски“ поставено е велигденско украсно јајце со христијанскиот поздрав Христос воскресе, како и реквизити за најмладите.

„Локалната самоуправа, секоја година ќе обезбедува нови реквизити и украси кои ќе го красат градот за време на велигденските празници. Целта е секој кој ќе се фотографира пред наведените украси со себе да понесе фотографија за спомен на нашиот Ерусалим на Балканот“, велат од Општината.

Во знакот на празникот се организира и хуманитарен велигденски базар на кој учествуваат занаетчии, слаткари, пекари, уметници и производители на охридски и македонски традиционални јадења. Собраните средства од продажба на производите ќе бидат наменети за ранливите категории граѓани.

Related post