Хуманоиден робот им помага на докторите и пациентите: Запознајте ја медицинската сестра Грејс
Компанијата Хансон во 2016 година го воодушеви светот со роботот Софиа. Сега истата компанија со седиште во Хонг Конг го претстави својот нов изум: Грејс, хуманоиден робот од кој се очекува да воведе револуција во здравствената заштита.
Дизајнирана како помошник на лекарите, Грејс е опремена со сензори, вклучувајќи термална камера за детекција на температурата и пулсот на пациентите со што им помага на докторите во дијагностицирањето на болеста и понатамошен третман.
Андроидот е помошник и за пациенти, специјализирана за грижа за постарите личности. Грејс зборува три јазици: англиски, мандарински и кантонски.
Роботите како Грејс се наменети како поддршка за медицинските експерти, а не како замена, вели основачот и извршен директор на Хансон Роботикс, Дејвид Хансон.
“Користењето на вештачка интелигенција и роботика во овој контекст може да помогне при собирањето на важни податоци за давателите на здравствени услуги за да ја проценат благосостојбата на пациентот”, додава Дејвид.
Развиена посебно за медицинскиот сектор, лансирањето на Грејс доаѓа насред пандемијата со коронавирус, каде е зголемена побарувачката за решение за бесконтактна нега.
Според Меѓународната федерација на роботика (ИФР), глобалната продажба на медицински роботи веќе била во пораст пред пандемијата, за 28% помеѓу 2018 и 2019 година, а ИФР предвидува дека вредноста на секторот може да се удвои во следните три години.
Хансон Роботикс вели дека ќе почне со масовно производство на роботи, вклучувајќи ги Софија и Грејс, кон крајот на 2021 година.