83 ОТСТО ОД ПОЧИНАТИТЕ ОД КОВИД-19 ИЗМИНАТИВЕ ДВА МЕСЕЦИ НЕ БИЛЕ ВАКЦИНИРАНИ

Осумдесет и три отсто од починатите лица од ковид-19 од 8 август до 14 октомври во земјава не биле вакцинирани, или 1.149 од вкупно 1.882 починати, стои во извештајот на Министерството за здравство. Од вкупниот број починати за наведениот период, 17 отсто, односно 233 примиле вакцина.

За вакцинирани се сметаат лицата кои се вакцинирани со две дози и поминале најмалку 14 дена од примање на втора доза вакцина. Според анализите починатите имале повеќе комбинирани хронични заболувања.

Од 6 август до 14 октомври, во земјава се регистрирани 40.208 ковид позитивни лица, а од нив 25% биле целосно вакцинирани, односно 10.066 лица.

Според статистиката за изминативе два месеци, 30.142, граѓани, односно 74,9% од позитивните на ковид-19 не биле вакцинирани. Процентот на хоспитализирани лица кои се невакцинирани изнесува 79%, додека 21% од сите моментално хоспитализирани пациенти се целосно вакцинирани.

Заклучно со 14 октомври вкупно се вакцинирани 797.988 граѓани, ревакцинирани се 758.001, а трета доза примиле 1.039 граѓани. 53% од граѓаните над 40-годишна возраст се ревакцинирани, а 33% од популацијата од 18 до 39 години примиле барем една доза вакцина.

Опфатот со вакцинација со една доза вакцина, на полнолетната популација е 47% , а со две дози опфатени се 45% од граѓаните над 18 години. Според бројот на аплицирани вакцини, 38% од целата популација во нашата земја е вакцинирана, а 35% од популацијата во државата примила две дози вакцина.

 

Related post