Градоначалникот Дука прими претставници на дебарските Роми, пред општината подигнато ромското знаме
По повод меѓународниот ден на Ромите, 8 април, денеска градоначалникот на Дебар, Хекуран Дука, прими претставници на ромската етничка заедница, а на основци и средношколци за нивниот одличен успех и примерно поведение им врачи пофалници.
– На почеток сакам Вам и на сите припадници на почитуваната ромска заедница да ви го честитам Денот, со желба да ја продолжиме традицијата на заемна почит, етничка и верска толеранција, во која со векови живеат сите жители во нашиот Дебар. Како локална власт ќе иницираме и ќе поддржуваме активности за подобрување на условите во населбите каде што главно е концентрирано ромското население, како и унапредувањето на положбата и нивната интеграција, рече Дука.
Ветувајќи дека како локална власт ќе ја продолжат грижата за сограѓаните Роми, најави дека општината ќе оддели буџет за финансиска поддршка на Ромите кои се школуваат на високо- образовните институции.
Говореше и за реализирани проекти и оние кои се во тек, за подобрување на инфраструктурата во деловите каде што главно живеат припадниците на оваа етничка заедница, напорите за „надминување на сфаќањата дека Ромите се дискриминирани“ и заложбите на сите, со цел „ заедно да одиме напред што е во полза на нашето општество“.
Дука, на 13 ученици, од нив 8 од ООУ „Пенестија“, двајца од ООУ „Саит Најдени “ и тројца од гимназијата „28 ноември“ им врачи пофалници, посакувајќи им да продолжат со одличниот успех и примерно однесување.