КомшиLOOK – прослава на креативноста, изразувањето и единството во Шуто Оризари
КомшиLOOK фестивалот кој ја носи уметноста во скопските маала, на 28. септември ќе се одржи на улица Волт Дизни во населба Шуто Оризари.
Темата на овој КомшиLook е „Видливост“, тема инспирирана од бели ракавици носени од култниот лик на Мики Маус (Mickey Mouse), ко-креиран од авторот Волт Дизни (Walt Disney).
,,Имаме за цел да ја истакнеме заедницата која заслужува да биде видена и слушната. Мики Маус е антропорфен глушец креиран пред 96 години, кој најчесто носи црвени панталони, големи чевли и бели ракавици. Во анимацијата, односно во анимираните цртани филмови, белите ракавици се користеле за да ги направат движењата на ликовите поизразени и јасни. Нашиот фестивал го прифаќа овој симболизам – исто како што ракавиците ги оживеале анимираните ликови, ние се трудиме да ги истакнеме приказните и креативноста на заедница која живее на улицата Волт Дизни, осигурувајќи дека добиваат заслужено внимание. На 28. септември ќе ви претстави локални и меѓународни уметници, изведувачи и музичари кои ќе ги прикажат своите таленти и уникатни перспективи. Ова издание на фестивалот ќе биде прослава на креативноста, изразувањето и единството” велат организаторите.