Нервоза и остра реторика пред изборите, партиите прават постизборни математики
За состав на влада не е потребно само просто мнозинство од 61 пратеник, туку и Бадинтерово мнозинство според Рамковниот договор, тврди Бујар Османи од ДУИ, кој на денешната прес конференција рече дека неговата партија после пармалментарните избори ќе има повеќе од 20 пратеници, имплицирајќи притоа дека ДИУ мора да биде дел од власта, кој и да ја формира.
Ова доаѓа откако од ВМРО-ДПМНЕ отфрлаат постизборна коалиција со ДУИ, а остри критички тонови на нивна адреса се почесто стигнуваат и од СДСМ.
Валбон Лимани од коалицијата Вреди контра Османи. Вели дека времето на ДУИ е завршено, а албанската опозиција ќе биде таа што ќе преговара со победникот на изборите за влез во идната Влада.
Лидерот на СДСМ Димитар Ковачевски побара да се почекаат резултатите од изборите. Тој ниту ја потврди, но ниту пак ја негираше идејата СДСМ да го поддржи ВМРО ДПМНЕ, кој доколку победи на изборите, поради неприфатливи уцени, не може да состави влада.
Од ВМРО-ДПМНЕ и денеска повторија дека соработка со ДУИ нема да има. Потпретседателот Александар Николоски гостувајќи во радио емисија рече дека со Али Ахмети е исклучена секаква соработка во која било варијанта, во која било форма и на кој било начин.