Османи: Во телефонот имам броеви на луѓе кои носат одлуки во светски рамки, во секој момент можам да ги побарам

Кандидатот за претседател Бујар Османи вечерва во претседателската дебата на ТВ21 порача дека во телефонот има броеви од луѓе кои носат одлуки во светски рамки.

Тој додаде дека истите во секој момент можел да ги побара.

„Да зборуваме сега за програмата што им нудиме на луѓето и која е нашата кредибилност и како ќе ги оствариме овие ветувања. На пример јас реков моето искуство, контактите што ги имам низ светот, во мојот телефон ги имам броевите на луѓето кои носат одлуки во светски рамки, кои можам да ги повикам во секој момент и да побарам помош за мојата држава, за нашите луѓе затоа мислам дека во оваа дебата треба да зборуваме за програмата и тоа што им нудиме на граѓаните и да не претендираме да ја создадеме илузијата дека ние сме промената“, вели Османи.

Според него, промената е тој што ја променил позицијата на Албанците од исклучен народ до прв премиер.

„Ние сме биле маргинализиран народ, 0.2% Албанци во државните институции само пред 20 години, денес го имаме премиерот, министерот за Надворешни работи, министерот за Финансии, претседателот на Фудбалската федерација, ги имаме сите институции за кои сме сонувале да влеземе внатре да побараме услуга а сега ние ги раководиме. Ова е промената“, порача Османи.

Related post