Пендаровски до граѓаните на Велес: Не верувајте на сејачите на политичка магла, со заокружување на бројот еден Македонија продолжува напред

Пред граѓаните на Велес, кандидатот за претседател Стево Пендаровски на синоќешниот митинг порача дека државата мора да продолжи напред по европскиот пат, да не се враќа назад во балканската кал и мочуриште и во времињата на неизвесност.

Пендаровски потсети дека во изминатите седум години се реализираше членството во НАТО, се забрза процесот на интеграција во ЕУ, кој за жал денес е закочен заради блокадите на ВМРО-ДПМНЕ и додаде дека партијата предводена од Христијан Мицкоски нема никаков план за иднината.

„И кога ги прашуваме што би смениле во тој дел, се надевам не би смениле ништо во делот на македонскиот идентитет и јазик и во делот на македонското име и код, што би промениле и какви се тие подобри договори кои вам би ви биле по волја? Знаете што одговараат? Дека имаат план Б, но тој план ќе ни го кажат ден после изборите. Велат на 9 мај ќе ви кажеме, имаме голем план, некаков мистериозен план со кој ќе ги подобрат тие договори и ќе не внесат на брза пруга во Европската Унија. Немојте да им верувате на тие сејачи на политичка магла, бидејќи ова се најдобрите можни договори со кој со сочувавме македонското достоинство, ја ставивме државата на пат кон развиениот свет и развиена Европа“ порача Пендаровски.

Пендаровски повика на масовна излезност на 24 април а потоа и на 8 мај и порача дека само бројот еден е гаранција дека Македонија ќе продолжи по вистинскиот пат.

„Мораме да се мобилизираме, да се собереме сите што и мислиме добро на оваа наша Ммакедонија. На 24-ти мораме да направиме масовна политичка мобилизација во што е можно поголем број да излеземе и на осми мај само да ја запечатиме двојната победа. Нема да имате никакви потешкотии сега на ливчето. Нѐ има многу, меѓутоа само бројот еден е гаранција дека Македонија ќе оди напред и нема да се враќа назад кон режимот и во балканското сивило, кал и мизерија. Значи број еден на 24 април и број еден на осми мај“ посочи Пендаровски пред граѓаните на Велес.

Dzulia Selim Memed

https://www.24vakti.mk

Related post