Спасовски: Ги постигнавме најдобрите резултати во енергетиката за државата
Носителот на листата од изборната единица 2 на Коалицијата „За европска Македонија“, Оливер Спасовски на денешната прес-конференција рече дека изминатиов период надминати се пандемската, економската и енергетската криза и најави нови мерки од програмата во енергетскиот сектор.
„Кризите успешно ги премостивме, институциите во енергетскиот сектор безбедно ја надминаа кризата и покрај најавената апокалипса, но и активната блокада на Собранието од опозицијата. Да биде иронијата поголема, и резултатите во сите енергетски сегменти не изостанаа. СДСМ не само што не дозволи поскапување, туку со успешни енергетски политики го заштити стандардот на граѓаните и го одржа енергетскиот сектор. Субвенционирана цена на струјата и до 90% за над 600 илјади домаќинства, но и за 68 илјади мали потрошувачи во кои се вработени 98% од работниците во приватниот сектор“, истакна Спасовски.
Тој најави дека во наредниот мандат планираат воведување енергетски пакети за пензионерите кои живеат сами, во висина од 1.500 денари месечно во периодот од октомври до март.
„Продолжуваме со борбата против енергетската сиромаштија преку уште поголема поддршка за ранливите категории граѓани со нови финансиски и нефинансиски мерки. Тоа е нашиот визионерски пристап кој придонесе за зголемување на енергетската независност и стабилна и сигурна испорака на струја. Рестрикции немавме, а се грижиме за буџетот на пензионерите и ранливите групи“, кажа Спасовски.
Спасовски најави дека СДСМ во наредниот мандат продолжува со доизградба на магистралните и секундарните гасоводни мрежи низ државата, капитални проекти кои овозможуваат стабилност на енергетскиот систем.
Меѓу целите за идниот мандат, СДСМ предвидува 100% раст на енергијата од обновливи извори на енергија, со што ќе се зголеми инсталираниот капацитет на 60% од вкупната потрошувачка во државата.
„Благодарение на поддршката од ЕУ успеавме до крај да ги изреализираме мерките за справување со енергетската криза. Затоа патот кон ЕУ е единствената опција. Покрај енергетските, тој ќе донесе еколошки, социјални и економски придобивки. Друга опција нема, бидејќи сѐ друго води во ќорсокак. Затоа, нема откажување од ЕУ, нема откажување од иднината“, порача носителот на листата на кандидати од Коалицијата За европска Македонија за ИЕ2, Оливер Спасовски.