Џафери: Убеден сум дека ќе ги отстраниме предрасудите дека Албанците не можат и не знаат

Џафери на денешната прес-конференција во Скопје, на која рече дека настапува како кандидат за пратеник, додаде дека должноста премиер ја извршувал доследно и оти Албанците, како што посочи, имаат потенцијал и се подготвени за еден премиер за сите кој ќе практикува добро владеење

Талат Џафери, кандидат за пратеник на „Европскиот фронт“ предводен од ДУИ во шестата изборна единица /
ФОТО: Фејсбук-профил на Талат Џафери

Кандидатот за пратеник на „Европскиот фронт“ предводен од ДУИ во шестата изборна единица, Талат Џафери, е убеден дека еднаш засекогаш ќе бидат отстранети всадените предрасуди и стереотипи во широкиот менталитет дека Албанците не можат, не знаат и немаат право.

Џафери на денешната прес-конференција во Скопје рече дека должноста премиер ја извршувал доследно и дека Албанците, како што посочи, имаат потенцијал и се подготвени за еден премиер за сите кој ќе практикува добро владеење.

„Премиерот за сите ќе води сметка за продолжување на политиките и ставовите на безбедноста и надворешната политика унифицирана според НАТО. Продолжување на унифицираните безбедносни надворешнополитички ставови со Европската Унија, за спречување на руското влијание во Северна Македонија и за одржување на стретешкото партнерство со САД“,

рече тој.

Џафери рече и дека им е потребна поддршката и довербата за да го продолжат проевропскиот курс на земјата за да се обезбеди сигурна иднина за следните поколенија со европски стандарди и вредности.

Според него, на Владата под негово водство, иако прв приоритет ѝ бил одржувањето на редовните претседателски и парламентарни избори на фер и демократски начин, таа во ниту еден момент не била надвор од рамката на функционална и доверлива институција.

„Докажавме дека одговорноста и водењето на државата ги носиме на еднаков начин, станувајќи пример на зрелоста и взаемната почит. Докажавме дека можеме да владееме одговорно во целата земја, во сите околности и со сите граѓани. Тоа се вредности што ги негуваме уште од независноста на државата, за градење на рамноправна држава и општество“,

рече Џафери.

На прашањето дали на прес-конференцијата настапува како технички премиер или како претставник на ДУИ, Џафери рече дека настапува како кандидат за пратеник, но и дека една од точките во изборната програма на „Европскиот фронт“ е еден премиер за сите.

„Јас сум втор на кандидатската листа за пратеници во шестата изборна единица и како кандидат за пратеник одржувам прес денеска. Впрочем, една од точките во програмата е премиер за сите така што во тој контекст нема никаква пречка да сум овде пред вас, пред сите граѓани“, рече Џафери.

Тој не откри кој од двајцата кандидати за претседател ќе ја добие поддршката од „Европскиот фронт“ и упати одговорот да се бара кај раководството на „Европскиот фронт“.

Од коалицијата „Европски фронт“ предводена од Демократската унија за интеграција (ДУИ), пак, пред два дена преку соопштение рекоа дека за вториот круг од претседателските избори на 8 мај оставаат граѓаните сами да одлучат за кого од двајцата кандидати ќе го дадат својот глас.

Од „Европскиот фронт“ велат дека за нив гласот на граѓаните е свет, нивно право и ексклузивна волја како што сакаат да го искористат ова право.

Related post