Суперкомпјутерот со нова пресметка: Франција е најголем фаворит за титулата на Светското првенство

Франција останува главен фаворит за освојување на титулата светски шампион, покажуваат најновите пресметки на суперкомпјутерот на „Опта Аналист“, објавени по завршувањето на осминафиналната фаза на Мундијалот 2026.
Според моделот ажуриран на 8 јули, „триколорите“ имаат 27,3 проценти шанси да го освојат трофејот, што ги прави најсериозен кандидат за светската круна.
Франција е и најголем фаворит за пласман во полуфиналето, со дури 73,9 проценти веројатност да го мине Мароко. Дополнително, суперкомпјутерот ѝ дава 44,3 проценти шанси за место во финалето, што ја издвојува како најстабилниот тим меѓу преостанатите осум репрезентации.
Втор фаворит е Шпанија. На „црвената фурија“ ѝ се предвидуваат 69,7 проценти шанси за полуфинале, 36,4 проценти за финале и 21,3 проценти за освојување на титулата. Шпанија е единствената селекција, покрај Франција, на која „Опта“ ѝ дава повеќе од 20 проценти шанси да стане светски шампион.
На третото место е актуелниот светски првак Аргентина. И покрај драматичната победа над Египет во осминафиналето, „гаучосите“ имаат 69,1 проценти шанси за полуфинале, 38,4 проценти за финале и 17,3 проценти за одбрана на титулата. Интересно е што Аргентина има поголеми шанси да стигне до финалето од Шпанија, но помали изгледи да го освои турнирот.
Четврти фаворит е Англија, која по драматичната победа над Мексико сега ќе се соочи со Норвешка. На Англичаните им се предвидуваат 62,4 проценти шанси за полуфинале, 35 проценти за финале и 16,5 проценти за освојување на трофејот.
Најпријатното изненадување е Норвешка. По сензационалната елиминација на Бразил, репрезентацијата предводена од Ерлинг Халанд значително ги подобри своите изгледи. Според „Опта“, Норвежаните имаат 37,6 проценти шанси за полуфинале, 17,1 проценти за финале и 6,6 проценти за освојување на светската титула.
Швајцарија е шеста на листата со 30,9 проценти шанси за полуфинале, 11,5 проценти за финале и 3,8 проценти за титулата. Мароко, кој ќе игра против Франција во четвртфиналето, има 26,1 проценти шанси за пласман меѓу четирите најдобри, 9,6 проценти за финале и 3,7 проценти за светската круна.
На последното место меѓу преостанатите четвртфиналисти е Белгија. Суперкомпјутерот им дава на Белгијците 30,3 проценти шанси за полуфинале, 9,8 проценти за финале и само 3,6 проценти за освојување на титулата, што е најнизок процент од сите осум репрезентации кои останаа во трката.
Според прогнозите на „Опта“, јасно се издвојуваат четири главни фаворити за титулата – Франција, Шпанија, Аргентина и Англија. Веднаш зад нив е Норвешка како најопасен аутсајдер, додека Швајцарија, Мароко и Белгија ќе се обидат да приредат изненадување во завршницата на Светското првенство.












































































































































































































































































































































































































































































































































































































































































































































































































































































































































































































































































































































































