Општина Шуто Оризари и Општина Бојник го означија почетокот на реализацијата на проектот „CULTURoma“

Општина Шуто Оризари и Општина Бојник од Република Србија официјално го означија почетокот на реализацијата на проектот:
„Премостување на културите преку наследството: зајакнување на ромската младина и промоција на одржлив туризам во Бојник и Шуто Оризари – културно единство и туризам за зајакнување на Ромите“, со акроним „CULTURoma“.
Проектот се спроведува во рамките на ИПА III Програмата за прекугранична соработка меѓу Република Србија и Република Северна Македонија, финансирана од Европската Унија.
Партнерскиот договор го потпишаа градоначалникот на Општина Шуто Оризари Курто Дудуш, претседателот на Општина Бојник, Небојша Ненадовиќ и претседателот на невладината организација Иницијатива за развој на заедниците – Скопје Амет Јашар со што беше потврдена заедничката заложба за навремена и успешна реализација на проектните активности.

Проектот ќе се реализира во период од 36 месеци, а неговата вкупна вредност изнесува 575.840,16 евра. Од овој износ, 489.464,14 евра (односно 85 проценти) претставуваат средства обезбедени од Европската Унија.
Во рамките на проектот, за активностите што ќе се реализираат од страна на Општина Шуто Оризари се предвидени средства во износ од околу 226.000 евра, вклучувајќи ги средствата за градежните работи, надзорот, набавката на опрема, организацијата на културните настани и другите проектни активности.
Активности што ќе ги реализира Општина Шуто Оризари
Една од најзначајните активности е реконструкцијата и уредувањето на паркот и просторот за културни настапи во Шуто Оризари. Со оваа инвестиција ќе се создаде функционален и современо уреден јавен простор кој ќе може да се користи за културни манифестации, театарски настапи, концерти, младински активности и други јавни настани.
Во рамките на оваа активност, Општина Шуто Оризари ќе биде одговорна и за спроведување на соодветен стручен надзор над градежните работи. За реконструкцијата на паркот во проектниот буџет се предвидени 138.640 евра, а за надзор на работите 4.159 евра.
Општина Шуто Оризари ќе спроведе и набавка на опрема за организирање културни и јавни настани на отворено. Опремата ќе вклучува мобилна сцена, систем за озвучување, сценско осветлување, компјутерска и друга придружна опрема потребна за организирање културни, едукативни и младински активности. По завршувањето на проектот, набавената опрема ќе остане во сопственост на Општина Шуто Оризари. За оваа набавка се предвидени 60.020 евра.
Во Шуто Оризари ќе бидат организирани и два посебни културни настани, секој со предвидено учество од околу 100 лица. Настаните ќе бидат насочени кон промоција на ромската култура, традиција и творештво, како и кон поголемо вклучување на младите и локалната заедница.
Како нова традиционална манифестација ќе се организира и „Културно лето на Шуто Оризари“, преку кое ќе бидат претставени ромската музика, танц, театар, култура и други форми на уметничко изразување. Проектот предвидува оваа манифестација да продължи да се организира и по завршувањето на проектот.

Општината ќе учествува и во мобилизирањето на младите, локалните установи, културните работници и другите заинтересирани страни. Младите од Шуто Оризари ќе имаат можност да учествуваат во прекугранични размени, подготовки и изведби на младински театарски претстави, како и во заеднички активности со млади од Општина Бојник.
Во останатите заеднички проектни активности, како што се мапирањето на ромското културно наследство, изработката на прекуграничната културна мапа, заедничката туристичка понуда, промотивното видео и документарниот филм, Општина Шуто Оризари ќе обезбедува податоци, пристап до локални институции и културни локалитети, ќе ги потврдува содржините и ќе учествува во нивната промоција. Носител на овие активности ќе биде проектниот партнер ИРИЗ.
По потпишувањето на договорот, претставниците на двете општини одржаа работен состанок на кој беа разгледани почетните активности, роковите, финансиските обврски и начинот на координација меѓу проектните партнери.
Курто Дудуш, градоначалник на Општина Шуто Оризари:
„Проектот претставува значајна можност за подобрување на јавната и културната инфраструктура во Општината, за поголемо вклучување на младите и за меѓународна промоција на богатото ромско културно наследство.“
Небојша Ненадовиќ, претседател на Општина Бојник:
„Ја нагласувам важноста на партнерството и заедничката работа на двете општини, како основа за создавање трајни културни, туристички и институционални врски.“
Со реализацијата на проектот „CULTURoma“, Општина Шуто Оризари продолжува со активното користење на европските фондови и со реализација на конкретни инвестиции во културната инфраструктура, младите, локалниот развој и промоцијата на ромското културно наследство.
Извор: https://sutoorizari.gov.mk/?p=5874















































































































































































































































































































































































































































































































































































































































































































































































































































































































































































































































































































































































