#NEVIPE #NVO

Во Загреб се одржа меѓународната научна конференција „Gypsy Lore Society“

Над 100 научници, професори и истражувачи од Европа, Балканот и САД ги презентираа најновите истражувања за ромската историја, јазик, култура и општество

Во Загреб се одржа меѓународната научна конференција на „Gypsy Lore Society“, на која учествуваа повеќе од 100 научници, професори и истражувачи од Балканот, Европа и Соединетите Американски Држави.

Во рамки на конференцијата беа презентирани бројни научни трудови и најнови истражувања посветени на различни аспекти од животот и историјата на Ромите – ромската култура и јазик, историјата, етнологијата и антропологијата, како и истражувања поврзани со Холокаустот врз Ромите.

Еден од значајните аспекти на конференцијата е и употребата на ромскиот јазик во научниот дискурс, со што се нагласува неговото значење за развојот на ромските студии и за зачувувањето и афирмацијата на ромското културно и јазично наследство.

Научната конференција се одржува на повеќе локации во Загреб, меѓу кои Филозофскиот факултет при Универзитетот во Загреб, Институтот „Иво Пилар“ и Институтот за миграции.

Во рамки на настанот, организацијата „Кали Сара“, заедно со пратеникот во Хрватскиот парламент, ги пречека учесниците и организираше изложба под наслов „Ромските студии во Хрватска“, посветена на развојот на научното истражување на ромската историја, култура и општество во Хрватска.

На конференцијата учествуваше и претставник од Македонија, м-р Даниел Петровски од Институтот за фолклор „Марко Цепенков“, кој го презентираше својот научен труд на тема:

„Кодификација на стереотипи во југословенската лексикографија“.

Учеството на македонски истражувачи на вакви меѓународни научни собири претставува значаен придонес кон развојот на ромските студии и размената на научни сознанија за ромскиот јазик, култура и историја.

Конференцијата во Загреб претставува место за поврзување на истражувачи од различни земји и научни области, но и можност за отворање нови прашања и перспективи во истражувањето на ромската историја и современост.