Тошковски: Протоколот за лица без државјанство е значаен чекор кон системско и навремено решавање на овие случаи

Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски денеска се обрати на промоцијата на Протоколот за постапување со лица без државјанство, заедно со министерот за здравство Азир Алиу и шефот на Мисијата на ОБСЕ во Скопје, амбасадорот Килијан Вал.
На настанот беше истакнато дека Протоколот претставува важен инструмент за унапредување на институционалната координација и за обезбедување системски пристап во идентификувањето и решавањето на случаите на лица без државјанство.
Министерот Тошковски во своето обраќање нагласи дека Министерството за внатрешни работи има проактивен пристап во справувањето со овој предизвик, потенцирајќи дека државјанството претставува основно човеково право и предуслов за остварување на низа други права и слободи.
„Државјанството е едно од основните човекови права и претставува правна врска помеѓу лицето и државата. Во изминатиот период презедовме значителни напори за решавање на прашањето на бездржавјанството, при што постигнавме забележителен напредок. Нашата држава е прва во регионот и пошироко која успешно ги реши ваквите случаи, за што добивме признанија од Обединетите нации, Европската комисија и Советот на Европа. Протоколот кој го промовираме денес претставува следен чекор кон системско, навремено и координирано постапување, со цел целосно надминување на ризиците од бездржавјанство“, истакна министерот Тошковски.
Тој додаде дека преку воспоставување на јасни процедури и механизми за соработка меѓу институциите ќе се овозможи навремено идентификување на ризичните случаи и нивно ефикасно решавање, особено кога станува збор за малолетни лица.
Во рамки на настанот беше потенцирано дека Македонија, со поддршка на меѓународните партнери, продолжува да ја унапредува законската и институционалната рамка во согласност со меѓународните стандарди, вклучително и конвенциите за заштита и намалување на бездржавјанството.
Министерството за внатрешни работи останува посветено на понатамошно зајакнување на меѓуинституционалната соработка, со цел обезбедување ефикасна заштита на човековите права и унапредување на правната сигурност за сите граѓани.






































































































































































































































































































































































































































































































































































































































































































































































































































































































































































































































































































































































