November 5, 2026
LIVEВО ЖИВО — Следете ги најновите информации и реакции

Ромалитико: Од „задоволителен“ до „ограничен“ напредок: Ромите во Извештајот на ЕК за 2026 година

Две години по ред Европската комисија оценуваше дека Северна Македонија има „задоволителен напредок“ во инклузијата на Ромите. Во Извештајот за 2026 година оценката паѓа на „ограничен напредок“. Тоа не е стилска промена – тоа е предупредување. За ромската заедница никогаш годишниот извештај на ЕК не е само бирократски документ. Тоа е единственото место каде што […]

FacebookXWhatsApp

Две години по ред Европската комисија оценуваше дека Северна Македонија има „задоволителен напредок“ во инклузијата на Ромите. Во Извештајот за 2026 година оценката паѓа на „ограничен напредок“. Тоа не е стилска промена – тоа е предупредување.

За ромската заедница никогаш годишниот извештај на ЕК не е само бирократски документ. Тоа е единственото место каде што Брисел, со бројки и со сопствен печат, кажува дали државата ги исполнува ветувањата од Стратегијата за инклузија на Ромите 2022–2030. Оваа година пораката е јасна: темпото е изгубено.

Како и секоја година, Ромалитико преку својот Извештај во сенка го следи спроведувањето на политиките за Ромите при што наодите на Комисијата, за жал, ги потврдуваат нашите кои беа констатитирани во Извештајот во сенка.

Што ни покажува Извештајот за напредокот за 2026 година

Европската Комисија започнува со реченица што треба да се прочита двапати: „Правната и институционалната рамка за Ромите е непотполна; Ромите и понатаму се соочуваат со дискриминација.“ Потоа следуваат конкретните наоди:

  • Стратегија без акциски планови. Стратегијата 2022–2030 се спроведува, но акциските планови за 2026 година сè уште не се донесени. Меѓуинституционалната соработка останува на ниско ниво.
  • Познањската декларација заостанува. Не се донесени наменски акциски планови за нејзините приоритети.
  • Стари проблеми, исти зборови. Нередовно посетување на настава, деца на улица и сегрегација во училиштата.
  • Ромките – системска дискриминација. Во вработувањето, здравството и образованието. Повеќето работат неформално, без социјална заштита.
  • Само 2% од ромските деца во рано образование. Во учебната 2025/2026 во градинките има 526 ромски деца (99 повеќе од лани), но нема ниту еден ромски медијатор во предучилишното.
  • Помалку ученици и студенти.515 ромски ученици во основно и 1.504 во средно – пад на двата нивоа. Бројот на ромски студенти паѓа од 250 на 210.
  • Медијатори: чекор напред, чекор назад. 43 ромски медијатори во основните училишта во 24 општини – лесен пад. Позитивно е што измените на Законот за средно образование од април 2026 воведоа медијатори и во средните училишта (21 медијатор во 16 општини).
  • Здравство со туѓи пари. Напорите за намалување на здравствените нееднаквости кај Ромите продолжуваат „со поддршка од донатори и со ограничено влијание“.
  • Вработување. Гаранцијата за млади опфатила 1.410 Роми, а Агенцијата за вработување понудила услуги на 5.082 невработени Роми. Колку од нив навистина добиле работа, Извештајот не кажува.

Во клучните препораки Ромите се споменуваат двапати: поддршка за ранливите деца, меѓу нив ромските, и пристап до квалитетно образование со повеќе ромски деца во редовните училишта. Важно е и она што го нема: за разлика од 2024 и 2025, Ромите веќе не се именуваат во препораката за активација на пазарот на труд.

2024 – 2025 – 2026: три извештаи, еден тренд

Во 2024 година Комисијата пишуваше за „задоволителен напредок“: подготвени беа нови акциски планови за 2024/2025, именуван беше советник за инклузија на Ромите на премиерот, а Владата „останува посветена“ на Познањската декларација. Во 2025 оценката остана иста, со министер без ресор како национален координатор. И двата извештаи се согласуваа дека Стратегијата нема јасен пристап кон учеството и јакнењето на заедницата, а акцискиот план за Ромките се спроведува „умерено“.

Во 2026 сликата се крши. Оценката паѓа на „ограничен напредок“, акциските планови ги нема, а „посветеноста“ кон Познањ станува „заостанување“. Проблемите со нередовното посетување, децата на улица и сегрегацијата се наведени со исти зборови три години по ред. Ако еден проблем се копира од извештај во извештај, тоа значи дека никој не го решава.

Бројките во образованието и вработувањето ја потврдуваат оценката:

Показател Извештај 2025 Извештај 2026 Промена
Оценка за инклузија на Роми задоволителен напредок ограничен напредок надолу
Ромски ученици, основно 10.288 9.515 −773 (−7,5%)
Ромски ученици, средно 2.157 1.504 −653 (−30%)
Ромски студенти 250 210 −40 (−16%)
Ромски медијатори, основно 44 во 26 општини 43 во 24 општини −1
Роми во Гаранцијата за млади 1.453 1.410 −43
Роми во препораката за пазар на труд да не избришани

Има и светли точки. Бројот на ромски деца во градинките расте, а медијаторите конечно влегуваат и во средните училишта. Но од 35 медијатори во 2023, преку 44 во 2025, до 43 денес. Падот од 30% во средното образование бара објаснување од институциите, а не тишина.

Бројките за 2025 се според извештајот за 2025 (учебна 2024/2025), а за 2026 според извештајот за 2026 (учебна 2025/2026).

Што е потребно да се направи веднаш

Анализите и истражувања на Ромалитико го дополнуваат она што Комисијата го кажува со дипломатски јазик. Во нашиот извештај во сенка од 2025 покажавме дека 93% од невработените Роми немаат завршено образование или имаат само основно, а дека буџетот за ромските здравствени медијатори за 2025 беше целосно укинат. Кога државата се повлекува, донаторите ја покриваат празнината и тоа е точно она што Извештајот го нарекува „ограничено влијание“.

Оттука, Ромалитико предлага четири конкретни чекори:

  1. Акциски планови со буџет, до крајот на годинава. Стратегија без акциски план е само документ. Плановите за 2026 и 2027 треба да имаат јасни средства од државниот буџет, а не само од донатори.
  2. План за Познањската декларација. Вработување, домување, документи, здравство и образование – со цели што можат да се измерат до самиот пристап во ЕУ.
  3. Рано препознавање на напуштањето и крај на сегрегацијата. Падот од 30% во средното треба да се истражи училиште по училиште, а сегрегираните паралелки да се укинат со рок.
  4. Ромите назад во мерките за вработување. Да се објавува не само колку Роми добиле услуга, туку колку добиле формална работа – посебно жените Ромки.

Една порака и до Брисел: ако Ромите исчезнат од препораките, исчезнува и притисокот за промена. Препораката за пазарот на труд треба повторно да ги именува.

Не смее да бидеме задоволни

Северна Македонија често се споредува со соседите и заклучува дека е регионален пример за инклузија на ромската заедница. Но, тоа не значи дека треба да бидеме задоволни, а Извештајот за напредокот за 2026 година покажува дека и Европската комисија веќе не е задоволна.

Инклузијата на Ромите не е споредна тема во европскиот пат. Таа е тест за тоа дали институциите работат за сите граѓани. Од невидливост кон еднаквост не се стигнува со стратегии во фиока, туку со буџет, рокови и одговорност. Следниот извештај ќе покаже дали оваа година беше застој или почеток на пад.

Автор: Дениз Селмани, програмски менаџер – Ромалитико