ЕВН потврди: Спорниот опис бил внесен од оператор, а потоа отстранет
Навредлив етнички опис во корисничкиот систем на ЕВН предизвика реакции во јавноста, на социјалните мрежи и меѓу политичките претставници. Ромските организации побараа јавно извинување и конкретни мерки. Во писмен одговор до 24ВАКТИ, ЕВН потврди дека описот бил рачно внесен од оператор и потоа отстранет. Компанијата го оценува случајот како ненамерна човечка грешка и најавува утврдување […]

Навредлив етнички опис во корисничкиот систем на ЕВН предизвика реакции во јавноста, на социјалните мрежи и меѓу политичките претставници. Ромските организации побараа јавно извинување и конкретни мерки. Во писмен одговор до 24ВАКТИ, ЕВН потврди дека описот бил рачно внесен од оператор и потоа отстранет. Компанијата го оценува случајот како ненамерна човечка грешка и најавува утврдување на индивидуалната одговорност.
Повод за реакциите е фотографија од терминал за проверка и плаќање сметки, на која во делот „Приказ на долгови“, покрај мерно место, се појавува погрдна етничка ознака насочена кон ромската заедница.
Случајот отвори јавна расправа за достоинствениот третман на корисниците, контролата на податоците во системот и одговорноста за спречување навредливи и дискриминаторски практики.

Организациите бараат извинување и проверка на системот
Институтот за истражување и анализа на политики – Ромалитико и организациите членки на Хабот во рамки на проектот „Надвор од бариерите: Резилиентност на Ромите од Западен Балкан“ изразија загриженост поради употребата на навредливата ознака.
Во заедничката реакција оценуваат дека ваквото означување го повредува достоинството на ромската заедница, ги зајакнува предрасудите и придонесува кон нормализирање на антициганизмот.
Организациите нагласуваат дека, без да го прејудицираат начинот на внесување на описот, одговорноста за содржината во корисничкиот систем ја има компанијата.
Предлози за подобра комуникација со ромските домаќинства
Организациите повикуваат на дијалог меѓу ЕВН, ромските организации и заедницата за подобрување на комуникацијата и пристапот до услуги.
Предлагаат информативна кампања на ромски и македонски јазик за правата и обврските на корисниците, можностите за репрограмирање долгови, поддршката за ранливите потрошувачи и безбедното користење електрична енергија.
Дополнително, предлагаат ангажирање ромски медијатори или контакт-лица, вклучително во Шуто Оризари и Топаана, како и можности за пракса, стипендии, вработување и професионален развој на Роми во компанијата.
Целосниот одговор на ЕВН Македонија до 24ВАКТИ
По новинарското барање на нашата редакција, ЕВН Македонија го достави следниот одговор, кој го пренесуваме во целост:
ЕВН Македонија жали за настанатата ситуација и најостро се оградува од каква било форма на дискриминација или несоодветен однос кон граѓаните врз основа на верска, национална, политичка или која било друга припадност.
Во интерес на целосно и транспарентно информирање, сакаме да појасниме дека внесувањето на податоците за корисниците во системот на компанијата се врши преку различни типови полиња. Дел од податоците се внесуваат преку паѓачко мени (dropdown menu), во кое називите и достапните опции се однапред дефинирани и контролирани од страна на компанијата. Покрај тоа, системот содржи и текстуални полиња (text fields), во кои податоците се внесуваат рачно од страна на оператор.
Во конкретниот случај, спорниот опис бил внесен рачно од страна на оператор во текстуалното поле. Оттука, станува збор за индивидуално внесен текст што означува ориентација во простор, човечка ненамерна грешка, кој операторот го внел на своја рака, а не за однапред дефинирана опција или термин во системот на компанијата.
Особено сакаме да нагласиме дека описот бил веднаш отстранет по неговото забележување, со цел да се спречи негово понатамошно појавување и користење.
Компанијата ќе ги преземе сите потребни активности за целосно расчистување на случајот, утврдување на сите релевантни околности и индивидуалната одговорност, како и за спречување на слични ситуации во иднина.
Со почит,
ЕВН Македонија
Во доставениот одговор ЕВН не ги прецизира конкретните мерки и рокот за завршување на проверката. Компанијата изразува жалење, но не се изјаснува одделно за барањето за јавно извинување до ромската заедница и за предложените превентивни активности.
Редакциска напомена: ЕМЦ 24ВАКТИ е меѓу потписниците на заедничката реакција на организациите.



