Државните институции се вклучуваат во борбата против питачењето
Работна комисија со претставници од повеќе државни институции ќе помогне во решавање на проблемот со питачењето првенствено низ скопските, но и низ улиците во другите градови, како и во решавање на секојдневните проблеми на Ромите кои најголем дел питачат или ги мијат шофершајбните на автомобилите на крстосниците. Претседателот на Здружението „Градиме иднина“, Илија Јовановиќ, ќе бара од институциите да помогнат во вработување на овие лица за да си оформат свои семејства и да сторат нешто во животот
Државните институции се приклучуваат во борбата против питачењето, што први ја објавија од здружението „Градиме иднина“, на чело со претседателот Илија Јовановиќ. Работна комисија со претставници од повеќе државни институции меѓу кои од МВР, Министерството за образование и наука, ромски здруженија, Министерството за труд и социјална политика, Меѓуопштинскиот центар за социјална работа на град Скопје која ќе биде под ингеренции на Министерството за труд и социјална политика ќе помогне во решавање на проблемот со питачењето низ скопските улици, но и низ улиците во другите градови, како и во решавање на секојдневните проблеми на Ромите кои најголем дел питачат или ги мијат шофершајбните на автомобилите на крстосниците.
Воедно, како што истакна Јовановиќ кој го започна проектот „Стоп против питачење и злоупотреба на децата и нивното здравје“, а кој се спроведува во Скопје и останатите градови во државата веќе осум месеци, ова значи започнување на подготовка на план за тоа како понатаму ќе се реализира овој проект, односно ќе се спроведе план и програма за отстранување на питачите, сите родители и непознати злоупотребувачи на децата и нивното здравје.
Ова како што објасни тој, произлегло од вчерашната работна средбата на здружението „Иднина“ и претставници од Министерството за труд и социјална политика, од МВР односно од полициската станица Центар, Министерството за здравство, од УНДП, претставници од Дневниот центар за деца на улица во Шуто Оризари и од Меѓуопштинскиот центар за социјална работа на град Скопје, која се одржа во Министерството за труд.
– Особено сум горд и среќен што се формира комисија од повеќе членови. Отсега па сè до крајот на овој проект ќе бидам присутен и повикуван на сите работни состаноци и на терен со сите претставници од државните институции – нагласи Јовановиќ.
Тој додаде дека ќе бара од институциите да помогнат во вработување на лицата кои мијат стакла на автомобили на крстосниците, за да не пречат, да си оформат свои семејства и да сторат нешто во животот.
– Од анкетата што ја спроведовме утврдивме дека овие лица сакаат да работат во ресторани, кафулиња. Затоа ќе се обидеме да изнудиме да се издвојат средства за организирање на курсеви од Агенцијата за вработување со помош на кои тие ќе ги стекнат потребните вештини и ќе бидат обучени – истакна Јовановиќ.
Тој потенцираше дека ќе се залага и да се обезбедат средства од Министерството за здравство лекувањето на лицата кои питачат и се злоупотребувани на штета на нивното здравје да биде бесплатно, односно бесплатни да бидат и хируршките интервенции, како и престојувањето во болницата за време на лекувањето. Воедно, ќе се залага и за нивно образование, запишување во градинки и училишта и за бесплатно вонредно образование.
Јовановиќ вели дека досега на неколку ударни локации во Скопје, каде што беа регистрирани од 15 до 20 питачи, сега се од еден до тројца. Проектот се реализира и во другите градови во државата. Свои патроли кои дежураат во смени, а со цел да ги оттргнат питачите од улиците, здружението „Градиме иднина“ има во Велес, Штип, Кавадарци, Кочани, Охрид, Битола, а сега се во Куманово. Остануваат непокриени уште Струмица, Дојран, Гевгелија, Кичево и Струга.
– На овој проект кој започна на 3.12.2021 година му остануваат уште 10 месеци за реализација, се додека и последното дете не се отстрани од улиците и не се спаси од злоупотреба од нивните биолошки родители, од невистински родители кои им се макроа за рентање, организатори, мафија и шефовите нивни кои се организатори на питачењето во цела Македонија – дециден е Јовановиќ
(А.П.)
Превземено од
Државните институции се вклучуваат во борбата против питачењето