Ромките и доенчињата и понатаму се соочуваат со сериозни бариери во пристапот до бесплатна и квалитетна здравствена заштита, и покрај постоењето на државни превентивни програми – беше заклучено на консултативната работилница одржана на 13 февруари, во Скопје

Теренското истражување покажа дека дел од бесплатните гинеколошки услуги се наплатуваат, често без фискални сметки, што создава дополнителен товар за жените, особено ранливите.
Во Јавна соба, во организација на Здружението Иницијатива за правата на жените од Шуто Оризари, се одржа консултативна работилница на тема „Предизвиците и препораките на ромската заедница преку Програмата за партиципација при користење на здравствена заштита на одделни заболувања на граѓаните и здравствена заштита на родилките и доенчињата“.
На средбата беа презентирани клучните предизвици со кои се соочува ромската заедница при користење на здравствените услуги, меѓу кои недоволната информираност за правата, ограничениот пристап до бесплатни услуги, како и институционални и административни пречки што директно влијаат врз здравјето на жените во репродуктивен период и доенчињата.
Во дискусијата учествуваа претставници на Министерство за здравство, раководители на превентивни програми, Фонд за здравствено осигурување, Лекарска комора на Република Северна Македонија, МАГО – Македонска асоцијација на гинеколози и опстетричари, граѓански организации, како и матичниот гинеколог од Шуто Оризари.

Како резултат на работата, беа формулирани низа конкретни препораки за унапредување на пристапноста и квалитетот на здравствените услуги за ромската заедница, меѓу кои:
· Активно вклучување на граѓанските организации во креирањето на здравствените програми и мерки, особено во делот на репродуктивното здравје, како и нивно учество во дефинирањето на пакетот гинеколошки услуги што ги обезбедуваат матичните гинеколози;
· Спречување и санкционирање на незаконската наплата од страна наi матичните гинеколози преку засилен инспекциски надзор и јасни механизми за пријавување и постапување по претставки од пациентките;
· Подобрување на информираноста за превентивните програми, преку јасни, достапни и културолошки соодветни информации за начинот на нивна имплементација и правата што произлегуваат од нив;
· Зголемување на бројот на контролори во системот „Мој термин“ при закажување специјалистички ортопедски прегледи за доенчиња, со цел навремено и целосно обезбедување на бесплатните ортопедски услуги;
· Транспарентно управување и јавно објавување на трошоците од Програмата за партиципација, вклучително и редовно информирање на јавноста за нејзината реализација и ефекти;
· Зајакнување на меѓуинституционалната соработка меѓу институциите, давателите на здравствени услуги и граѓанските организации, со цел унапредување на пристапот до квалитетна здравствена заштита за ромската заедница.

Работилницата потврди дека унапредувањето на здравствените права на ромската заедница бара континуиран дијалог, заедничка одговорност и активна соработка меѓу институциите, здравствените работници и граѓанските организации.Оваа активност се реализира во рамките на проектот „Унапредени здравствени права на девојките, жените и ранливите групи“, поддржан од Швајцарската агенција за развој преку програмата Цивика Мобилитас. Проектот го спроведуваат партнерските организации: ХЕРА – Асоцијација за здравствена едукација и истражување, ЕСЕ – Здружение за еманципација, солидарност и еднаквост на жените, ЗАЕДНО ПОСИЛНИ – Здружение за поддршка на луѓето што живеат со ХИВ и Иницијативата за правата на жените од Шуто Оризари.



























































































































































































































































































































































































































































































































































































































































































































































































































































































































































































































































































































































