#NEVIPE #NVO #Oglasi #Roma ki Lumia

„МАКЕДОНИЈА НЕ МОЖЕ ДА СЕ ВОДИ БЕЗ КОМПАС“ Ова е битка на морал, порача Филипче од Струмица и од Радовиш

„Година ипол премиерот Мицкоски ја води владата и државата без компас и без човечност, Македонија не може да ја води човек што не верува во луѓето, човек што мисли дека државата се води со навредување, пресметки и ароганција.

Вака изјави претседателот на Социјалдемокртаскиот сојуз на Македонија, д-р Венко Филипче, на митингот што се одржа во Струмица. Филипче тврди дека Владата на Мицкоски за година ипол на власт и не направила ништо. Затоа, Филипче смета дека претстојните избори закажани за следната недела не се обични избори, туку морална битка за Македонија.

– Власта ја клекна економијата на колена, го заборави народот и го остави со уништен животен стандард. Го закочи патот напред кој СДСМ му го остави отворен – рече Филипче.

Во обраќањето Филипче праша што очекува премиерот Мицкоски после ваквиот колапс на државата.

– Човек што не поднесува критика и затоа секојдневно понижува, напаѓа и навредува. Човек кој се жали дека сите го мразеле – а цела година ги нарекуваше луѓето глодари, лешинари, предавници. Се прашувам – што точно очекува Христијан Мицкоски? Дека народот ќе му аплаудира додека го понижува? Дека ќе го сакаат додека ги плаши и дели? Дека ќе го следат додека гледа само за себе, а ги игнорира барањата на граѓаните, на работниците, на земјоделците? – рече Филипче.

При тоа, тој додаде дека единствената стратегија на премиерот Мицкоски е за секој свој неуспех да ги обвинува другите.

– Да каже дека сите други се криви – само тој не. Дека Македонија ја уништиле другите – а тој не можел сега ништо да направи. Кажува дека државата е заложник, а тој е жртва на хибридни напади, странски служби и стотици измислени приказни за да ја покрие својата неспособност. Но да зборуваме реално, што направи ВМРО-ДПМНЕ за една и пол година централна и четири години локална власт? Ниту една реформа, ниту една нова визија, ниту еден план за младите, ниту еден концепт за економијата – рече Филипче и додаде дека состојбата во државата што се случува поради политиките на ВМРО-ДПМНЕ не е само политички проблем, туку ова поведение на власта е државна закана.

– Јас сум човек што 25 години работел со луѓе. Сум ги гледал во очи кога им било најтешко во болница, во операциона сала, во моменти кога надежта и стравот се спојуваат во едно. Верувам дека на секој мора да му се помогне – порача Филипче.

Тој истакна дека политиката не смее да биде борба за власт, туку должност кон луѓето и нивните животи.