#NEVIPE #NVO #Oglasi

Мицкоски му гарантира политичка пензија на Ахмети по изборите, ДУИ реагира дека премиерот е опседнат со контролата врз Албанците

Повторувајќи ги тврдењата дека постои непринципиелна коалиција меѓу ДУИ и Левица за локалните избори, Мицкоски од првиот митинг со кој ВМРО-ДПМНЕ ја стартуваше изборната кампања синоќа во Скопје, се осврна на пораките на лидерот на ДУИ, а му ја пренесе и својата – дека по овие избори Али Ахмети ќе го оди во политичка пензија

„Неговата најнова изјава, во која зборува за ‘политичко пензионирање’ на лидерот на Албанците, Али Ахмети, не е само лична желба, туку продолжение на неговата стратегија за слабеење, маргинализирање и контрола на Албанците“, се вели во реакцијата од ДУИ

Демократската унија за интеграција денеска реагира на дел од синоќешниот говор на премиерот и лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, на партискиот митинг на првиот ден од изборната кампања, во кој тој ги критикуваше ДУИ и нејзиниот лидер, Али Ахмети, на кого му порача дека по локалните избори ќе оди во политичка пензија.

„После 15 месеци или да речеме нешто повеќе, година и половина, отиде во опозиција, а после овие избори одиш во политичка пензија, јас ти гарантирам“,

рече Мицкоски на митингот во Скопје.

Од ДУИ, во нивната денешна реакција, оценуваат дека Мицкоски со кажаното синоќа, како што велат, јасно ја открил својата политичка опсесија за контрола врз албанската сцена во Македонија.

„Неговата најнова изјава, во која зборува за ‘политичко пензионирање’ на лидерот на Албанците, Али Ахмети, не е само лична желба, туку продолжение на неговата стратегија за слабеење, маргинализирање и контрола на Албанците. Само пред неколку дена, тој изјави дека целта на овие избори е елиминацијата на ДУИ од политичката сцена на земјата, и со тоа го потврди она за што предупредувавме со месеци: Мицкоски не бара само изборна победа, туку доминација врз Албанците и обид за контрола на нивното претставување“,

се вели во писмената реакција од ДУИ.

Од партијата наведуваат дека кога Мицкоски и неговата партија зборуваат за „врапчиња и славеи“, се повикуваат само на „нивните чесни Албанци“, односно оние кои, според ДУИ, ги имаат под контрола во Владата. Според интегративците, станува збор за опасна идеолошка платформа на која, како што наведуваат, целта ѝ е да наметне слаби и потчинети политичари Албанци, кои молчат за да ја задржат личната власт, притоа посочувајќи на коалицијата ВЛЕН, која е дел од владиното мнозинство.

„Но, вистинските Албанци, орлите на оваа земја, не можат да се затворат под еден политички кров. На 19 октомври Албанците ќе ја покажат својата сила и решителност, давајќи ѝ заслужен одговор на неговата опсесија. На 19 октомври, куклите на Мицкоски во ВРЕДИ ќе го доживеат поразот што го заслужуваат. Орлите ќе летаат над секој обид за контрола, а гласот на Албанците ќе одекне. Ние нема да исчезнеме, нема да се понижиме и нема да дозволиме некој друг да избира наместо нас. ДУИ е тука и ќе остане гласот на Албанците кои бараат еднаквост, достоинство и право самите да одлучуваат за својата иднина“,

велат од ДУИ.