Оружен инцидент во Куманово, повреден носителот на советничката листа на ДУИ во Општина Липково

Носителот на советничката листа на ДУИ во Општина Липково, Зекирија Шаини е ранет во оружен инцидент којшто се случи попладнево во центарот на Куманово. 43-годишниот Шаини е вон животна опасност, но со прострелни рани на рацете и нозете. Пулмологот е пренесен во кумановската болница, каде што му е укажана помош, па е префрлен на хируршките клиники во Скопје.
На расчистување на случајот, информираат од Основното јавно обвинителство работат двајца обвинители. Се прибираат траги и материјални докази, кои ќе бидат предмет на вештачење. По напаѓачот се трага. Според првичните индиции, според ОЈО не се работи за политички мотиви зад инцидент, но сите околности се проверуваат.
Од локалниот огранок на ДУИ го осудија пукањето на нивниот член и побараа брза и ефикасна разрешница. Воедно го откажаа митингот кој требаше да се одржи вечерва во Куманово.
Осуда за инцидентот упати коалицијата ВРЕДИ. Повикаа на смиреност, итна реакција на надлежните органи и расветлување на случајот, но и да не се злоупотребува за политички цели.




















































































































































































































































































































































































































































































































































































































































































































































































































































































































































































































































































































































