Вечерва се надеваме на ново чудо: Македонските фудбалери ја пречекуваат Германија на „Градски“
Македонската фудбалска репрезентација вечерва со почеток од 20.45 часот е домаќин на Германија во натпревар од 8. коло во квалификациите за Светското првенство 2022 година во Катар.
Избраниците на селекторот Благоја Милевски најавуваат голема борбеност и обид за ново изненадување против силниот противник кого веќе го совладаа на гости.
Капитенот Стефан Ристовски на официјалната прес-конференција во пресрет на мечот истакна дека ќе мора секој фудбалер да посвети максимално внимание на дисциплинирана игра.
Германија е врвот на светскиот фудбал и треба да се одговори со тактичка и физичка дисциплина. Гиганти како Германија не простуваат грешки, ти даваат многу малку простор и тоа мора да се искористи кога ќе се укаже. Тие за мене се најголемата репрезентација на светот. Спортски е да се надеваш на успех, но секој меч, секој ден е нешто ново. Како искусен играч мора да кажам дека мора да се искористи сè што ќе ни се пружи – порача Ристовски.
Натпреварот ќе се игра на Национална арена „Тодор Проески“ во Скопје.
На другите две средби од ова коло играат: Романија – Ерменија и Исланд – Лихтенштајн.