Вистиномер: Ромите сè уште се дискриминирани, ЕК бара поголема инклузија

Ромската популација во Република Северна Македонија сè уште е најранливото малцинство во земјата и продолжува да биде заедница што се соочува со институционална дискриминација, сегрегација и социјални предрасуди. Ромите официјално се признаени како етничка заедница која се спомнува во Преамбулата на Уставот, изменета со Охридскиот рамковен договор во 2001 година, но се заедница која останува исклучена од многу сегменти на општеството, пишува „Вистиномер“.

Последниот извештај на Европската комисија за напредокот на Северна Македонија на нејзиниот пат кон членство во ЕУ нотира сериозни недостатоци при вклучувањето на оваа заедница во општеството и поразителни податоци за нивната состојба. Според ЕК, минатата година бил постигнат ограничен напредок во инклузијата на Ромите.

Во Шуто Оризари повторно нема гинеколог 

Според истражувањата на граѓанските организации, смртноста на новороденчињата кај Ромите е за 1,5 пати повисока во споредба со онаа кај македонското население во 2017 година. Дополнително, околу „50 отсто од смртните случаи кај Ромите се случиле пред 65-тата година од животот, за разлика од 23 отсто кај останатото население“.

Дури 85,6 отсто од Ромките немаат посетено матичен гинеколог, додека само 2 отсто од Ромките од Шуто Оризари се опфатени со Програмата за скрининг на ракот на грлото на матката на Министерството за здравство.

Иако во април оваа година, по подолг период 20.000 жени Ромки од Шуто Оризари добија гинеколог со отворање на приватна Јавна здравствена установа поддржана од Министерството за здравство, среќата не траеше долго. Докторот кој работеше во амбулантата во општината пред една недела дал отказ по шест месеци работа. Претходно, овие жени немаа матичен гинеколог девет месеци. Претходната докторка работела две години, по што отворила приватна ординација во друга општина.

Невработени, неевидентирани, надвор од училишни клупи

Стапката на вработеност кај Ромите во Република Северна Македонија е 22 отсто, во споредба со стапката на вработеност кај не-Ромите од 40 отсто. Податоците наведени во извештајот на ЕК велат дека бројот на невработени Роми постојано се зголемува. 13.703 Роми биле пријавени како невработени во 2020 година, споредено со 9.239 во 2019 година.

Ромите многу често не се евидентирани во државните системи што понатака предизвикува да имаат потешкотии да добијат каква било државна услуга. Од околу 700 Роми без лични документи, минатата година биле доставени 202 барања, а извод од матичната книга на родените им бил издаден на 92 баратели што претставува мошне мал број.

Ромските девојки и понатаму се мошне ранливи, често поради невработеноста и браковите на рана возраст. Годишната стапка на ромски деца кои го напуштаат училиштето изнесува 6 отсто во основното и 4 отсто во средното образование. Процентот на студенти Роми запишани во високообразовните институции е зголемен во последните три години од 42 отсто на 48 отсто.

Стратегијата за инклузија на Ромите (2014-2020) престана да важи, а новата сѐ уште не е подготвена, иако започна подготвителната работа. Повеќе нема министер без ресор, туку советник на премиерот одговорен за Ромите, со што се намалува можноста ромските прашања да бидат разгледувани во Владата. Стратегијата и соодветните акциски планови за образование, вработување, домување, пол и здравство не беа спроведени целосно. Нема системски и основни податоци за реинтеграцијата на децата кои не се запишале на училиште навреме или го напуштиле без да го завршат. Мнозинството ромски деца немаат пристап до техничка опрема за далечинско образование. Сегрегацијата во училиштата останува на високо ниво, се вели во Извештајот на ЕК.

Тоа што ромските деца се надвор од училишните клупи, го нотира и Институтот за европска политика во нивниот Извештај во сенка за Поглавје 23 за периодот април 2020 – септември 2021 година.

Основното и средното образование се задолжителни во Македонија, но во ромските населби само три четвртини од децата на соодветна возраст тргнуваат во прво одделение, помалку од две третини продолжуваат во шесто, а околу една третина се запишуваат во средно образование, се вели во Извештајот.

Од оваа невладина организација велат дека пандемијата предизвикана од ковид-19 влијаела особено и на социјално загрозените Роми кои живеат во земјата.

Живеењето во импровизирани живеалишта, немањето пристап до вода, хигиенски средства и соодветна заштитна опрема, ги прави поподложни на заболување и ширење на вирусот низ ромските населби, велат од ЕПИ.

Коментирајќи го Извештајот на ЕК и забелешките кои се однесуваат на ромската заедница, од Институтот за Истражување и Анализа на Политики – Ромалитико велат дека постои статус кво во инклузијата на ромската заедница, при што поголем дел од забелешките укажуваат на сериозни отстапки на тоа како државата гледа на состојбата на ромската заедница.

Загрижува фактот што се забележува дека дел од нотираното се повторува во низа од претходните извештаите за напредокот на земјата, без притоа да се преземат посериозни чекори од државата за решавање на нотираните предизвици од страна на Европската комисија, велат од Ромалитико.

Жртви на дискриминација

Постои јасен и присутен шаблон на предрасуди за тоа како се перципира ромската заедница низ регионот на Западен Балкан и тоа продолжува да има огромно штетно влијание врз нивната способност да добијат пристап до клучните јавни услуги и да уживаат во економските и социјалните можности. Ова го констатира истражувањето Балкански барометар 2021 година спроведено од Советот за регионална соработка (RCC), кое ги испитува перцепциите и очекувањата на граѓаните и бизнисите од Западен Балкан. Во анализата се потенцира дека Република Северна Македонија се проценува дека е дом на најголемата ромска заедница во регионот пропорционално на целото население.

Резултатите во Северна Македонија покажуваат дека на 23 отсто од граѓаните не би им било пријатно да работат со Роми, 30 отсто не би сакале работодавец да им е припадник на ромската заедница, а 25 отсто не би сакале нивните деца да одат на училиште со ромски деца. Високи 71 отсто не би се земале односно не би сакале нивното дете да стапи во брак со припадник на ромската заедница, 29 отсто не би купиле продукти од Роми или направени од Роми, 21 отсто не се чувствуваат удобно да имаат ромски пријатели. Истражувањето дало слично резултати во сите земји на Западен Балкан.

ЕУ со нова стратегија за поголема инклузија на ромската заедница

Европската Унија освен забелешките кои им ги дава на кандидатите за земји членки на Унијата во однос на инклузијата на ромската заедница, и на постојните земји членки им наложи да се заложат дека милиони Роми кои живеат на територијата на ЕУ ќе бидат третирани еднакво, ќе бидат општествено вклучени и ќе им биде овозможено да учествуваат во општествениот и политичкиот живот без исклучок.

Во октомври минатата година Европската комисија усвои нов 10-годишен план, Стратешка рамка на ЕУ за Ромите 2020-2030. Седум клучни области се во фокусот на овој план: еднаквост, вклученост, учество, образование, вработување, здравство и домување.

За секоја област, Комисијата изнесе нови цели и препораки за земјите-членки за тоа како да ги постигнат, и ќе послужат како важни алатки за следење на напредокот и да осигурат дека ЕУ ќе напредува повеќе во обезбедувањето витална поддршка што им треба на многу Роми што живеат.

Едноставно кажано, во последните десет години не направивме доволно за поддршка на ромското население во ЕУ. Ова е неоправдано. Многумина од нив продолжуваат да се соочуваат со дискриминација и расизам. Не можеме да го прифатиме тоа, изјави заменик-претседателката на Европската комисија за вредности и транспарентност, Вера Јоурова.

Related post