Димитриевски: Денешниот протест е политички мотивиран, во Куманово се движат возила кои немаат право да се движат во сообраќајот
По протестот пред општина Куманово од страна на граѓани Роми, во однос на изјавата за култиваторите кои ќе бидат исклучени од сообраќајот, градоначалникот на општина Куманово Максим Димитриевски одржа
прес-конференција на која информираше дека нема добиено никакви конкретни барања и дека се работи за политички монтиран процес.
Најпрвин, немам добиено никакви конкретни барања. Мислам дека се работи за политички мотивиран процес. Му испраќам порака и на господинот Спасовски кој е Министер за внатрешни работи бидејќи бевме сведоци дека голем број на негови приврзаници и на господинот Илиевски беа во координација со овие луѓе кои денес беа на протест. Да се занимава со законот и да го почитува законот. Подолг временски период сведоци сме дека во нашата општина се движат возила кои немаат право да се движат во сообраќајот. Истите се паркираат
каде што ќе стигнат и што е најтрагично го собираат целиот смет од градот и градежниот шут и го исфрлаат на локации низ градот и создаваат диви депонии – вели Димитриевски.
Општината годишно чисти над 50 диви депонии коишто во кус период повторно се претвораат во диви депонии.
А,пред наши очи сме сведоци дека најголем дел од тие диви депонии ги создаваат овие мотокултиватори, кои се земјоделски машини и според Законот немаат право да се движат и учествуваат во сообраќајот, ниту да извршуваат дејност освен ако не се регистрирани на уредна фирма или не работат дополнителна работа за ЈП Чистота и зеленило. И тоа е обврска на МВР. Во континуитет општината бара од нив МВР да ја спречи оваа појава, бидејќи немаме надлежност за истата. И не наидуваме на разбирање- вели Димитриевски.
Тој ги повика граѓаните да не потпаѓаат на вакви провокации.
Секогаш постојат можности да се уреди нивниот начин на делување, дали преку проекти и други активности, но ова беше чисто политички мотивиран процес. Го видов и противкандидатот дека наеднаш наводно се појави пред оваа насобрана група граѓани и им одржа и политички говор и така натаму. Цврст сум на моите ставови да опстанам на тоа што ми е со закон доделена надлежност да се грижам за јавната хигиена во градот, бидејќи не можеме сите ние да се однесуваме како граѓани одговорно, а поединци, 20 -30 луѓе или колкав и да е нивниот број да биде целосно неодговорен и да создава диви депонии секаде низ градот, без разлика која ќе биде политичката цена на овие избори јас ќе опстојам на тоа, а граѓаните на Општина Куманово тоа го гледаат и разбираат – вели градоначалникот и кандидат за нов градоначалнички мандат, Максим Димитриевски.
Сведоци сте дека секоја година го чистиме речното корито, а да не зборувам за дивата депонија на локацијата Туш. Пред локација Туш изградивме дополнително детско игралиште, повеќе депонии по реката Којнарка, Липковка, Кумановка и голем број други локации каде секојдневно ги гледаме овие возила каде истураат градежен шут и друг вид на комунален или некомунален отпад. Па зарем сите треба да бидеме
заложници на 30 поединци кои сега дополнително се политички мотивирани од сами кандидати. Ако зборуваме јавно и транспарентно со противкандидатот дека треба да го зголемиме нивото на хигиената во градот, тогаш зошто ги мотивираат овие луѓе коишто се едни од најголемите прекршители во градот да излегиваат на протести. Така што јавно ги повикувам и Спасовски и Илиевски, рече на крајот Димитриевски.