Економијата во фокусот во програмата на коалицијата „Храбро за Македонија“
Раст на капиталните инвестиции, заживување на домашната економија, изградба на патишта и железници. Ова го најави носителот на листата во втората изборна единица Љупчо Ристовски, кој ја претстави платформата за економски препород на Македонија. Тој предлага да се отвори пазарот за една слободна финансиска зона на потегот Скопје-Охрид-Струмица за приватни инвестициски фондови. Капиталните инвестиции наместо да служат за корупцијата на властите, вели, ќе се стават во служба на граѓаните. За ова да стане реалност, Ристовски ги повика граѓаните да го заокружат бројот 3.
Во програмата „Храбро за Македонија“ се предвидува изградба на пречистителни станици, 11 хидроцентрали на реката Вардар со цел зголемување на енергетскиот потенцијал на земјава, изградба на гасни централи, стимулации за намалување на потрошувачката на струја и изградба на нови енергетски капацитети. Оваа коалиција предлага и историските хидроцентрали „Чебрен“ и „Галиште“, но и „Бошков Мост“, наместо со странски, да се градат со државни пари.
Коалицијата „Храбро за Македонија“ предлага мерки со кои најподдржани и најзаштитени би биле примателите на постојана парична помош, примателите на нега од друго лице, инвалидите. Велат економијата ќе биде во фокусот на програмата за да допре до секој граѓанин. Дел од мерките во програмата се и зголемување на постојаната парична помош на 18.000 денари, мерки кои сериозно ќе ја намалат невработеноста, како и сериозни проекти кои ќе бидат наменети и за највозрасните граѓани во земјава, пензионерите – велат од коалицијата „Храбро за Македонија“.