„ЕРБАЛТИК“ ОД ДЕНЕС ПОЧНА ДА ЛЕТА ОД СКОПЈЕ ДО РИГА, ЛАТВИЈА
Националниот авиопревозник на Латвија „ЕрБалтик“ од денеска почна да лета од Скопје до Рига. Сезонска авиолинија од Скопје за Рига ќе има од мај до септември, двапати неделно, односно во петок и понеделник, со авион од типот „ербас А220“.
Во летната сезона, покрај редовните, ќе има и сезонски чартер летови до Анталија, Бодрум, Хургада, Енфида, Џерба и Монастир. До Охридскиот аеродром ќе има чартер летови од Катовице, Варшава, Амстердам и Манчестер, а авиокомпанијата „Ер Србија“ ќе почне да лета на релацијата Белград-Охрид-Белград.
Со летниот ред на летање, одобрен од Агенцијата за цивилно воздухопловство, на Меѓународниот аеродром Скопје во летната сезона ќе има 59 дестинации на 22 авиокомпании.
„Виз ер“ почна да сообраќа до Салцбург, „Кроација ерлајнс“ и „Норвиџан ершатл“ ќе продолжат со сезонските летови од Скопскиот аеродром до Сплит и Осло. Грчката „Ејџијан ерлајнс“ летово ќе воведе авиолинија од Скопје до грчкиот остров Крф.