МИНИСТЕРСТВОТО ЗА ЗДРАВСТВО СТОРИЛО ДИСКРИМИНАЦИЈА НА РОМСКИ ДЕЦА КОИ ИМААТ ПРОБЛЕМ СО ЗАВИСНОСТ ОД ДРОГИ

Основниот суд Скопје II во Северна Македонија
донесе пресуда во која се утврдува дека Министерството за здравство сторило
дискриминација на малолетни Роми кои имаат проблем со зависност од дроги со тоа што не
обезбедило третман или рехабилитација. Судот му нареди на Министерството да отвори
центар за третман на деца кои користат психоактивни супстанци, да донесе програма за
лекување деца кои користат дроги и да ги плати трошоците на Европскиот центар за правата
на Ромите (ЕЦПР) за водење на судската постапка во овој предмет. Одлуката ја потврдува
пресудата од 2021 година што ја донесе истиот суд, која сега е финална и мора да биде
извршена од страна на Министерството за здравство. Финалната пресуда претставува првата
успешна тужба за заштита од дискриминација од јавен интерес покрената од страна на ЕЦПР
во Северна Македонија во име на Ромите.
Правниот директор на ЕЦПР, Сенада Сали, изјави дека „ова е победа за сите деца во Северна
Македонија, не само за ромските деца, бидејќи таа го препознава нивното право на
соодветен третман во случај на користење дроги. Преку оваа пресуда, судијката Кети
Германова постави преседан за другите судии кои работат на предмети за
МИНИСТЕРСТВОТО ЗА ЗДРАВСТВО СТОРИЛО ДИСКРИМИНАЦИЈА
НА РОМСКИ ДЕЦА КОИ ИМААТ ПРОБЛЕМ СО ЗАВИСНОСТ ОД ДРОГИ

дискриминација. Таа направи исчекор од донесување декларативна пресуда и правно го
обврза Министерството за здравство да усвои конкретна програма и да изгради центар
за лекување. Тоа е јасна акција во насока на исправање на долгогодишната неправда и
загубата на многу млади животи поради нелекувана зависност од дроги“.
ЕЦПР презентираше аргументи дека поради преголемата застапеност на Ромите меѓу
малолетниците кои користат дроги во Северна Македонија тие се изложени на индиректна
дискриминација со тоа што не добиле лекување за зависност од дроги. Судот пресуди дека е
прекршено правото на еднаквост на децата во Северна Македонија кои имаат проблем со
зависност од дроги врз основа на нивната возраст и врз основа на нивниот статус како
маргинализирана група на деца корисници на дроги. Судот го призна фактот дека ромските
деца кои имаат проблем со зависност од дроги се дополнително дискриминирани поради
нивната етничка припадност и преголемата застапеност меѓу децата корисници на дроги,
како и тоа дека нивното право на здравствена заштита се прекршува во континуитет поради
непостоење на програма за лекување.
Овој предмет го покрена ЕЦПР во април 2020 година, откако беа собрани докази од
сервисниот центар на една локална организација, како и од Народниот правобранител кој
подоцна сведочеше пред судот. Освен тоа, ЕЦПР обезбеди родител на двајца малолетници
кои користат дроги, која пак сведочеше за неможноста нејзините деца да бидат лекувани во
здравствена установа. Во едно интервју, мајката од ромска националност изјави „побарав
детето да биде хоспитализирано на психијатрија, но тие не го примија бидејќи беше многу
млад. Од таму ни рекоа дека не можат да направат ништо, тој дува лепак, треба да
наполни 13 години за да може да го приведат. Јас им реков дека детето може да умре од
лепакот пред да наполни 13 години…“
Според доказите собрани за овој предмет, хероинот е најчесто користената психоактивна
супстанца што ја користат малолетните Роми. Во Северна Македонија, повеќето деца кои
користат дроги и други супстанци што создаваат зависност се Роми кои се изложени на
социјален ризик, односно деца на улица или без родителска нега. ЕЦПР покрена неколку
судски предмети во коишто тужителите се ромски семејства кои се соочуваат со проблемот
на малолетничка зависност од дроги.
Програмата за лекување што ја наложи судот треба да вклучи интердисциплинарен приод и
тим. Освен тоа, Министерството за здравство е задолжено да отвори центар за лекување на
деца кои користат психоактивни супстанци, како и специјализирана здравствена установа која
ќе нуди соодветна хоспитализација, третман и рехабилитација на децата кои имаат проблем
со зависност од дроги во Северна Македонија.
Исто така, Министерството за здравство треба да ги надомести трошоците на ЕЦПР за водење
на судската постапка во овој предмет, во износ од 62.588 МКД (1.015 евра), во рок од 15 дена
по донесувањето на пресудата.

Во име на ЕЦПР, случајот го застапуваше адвокатот Кети Јованова.

Related post