ОДМАЗДА НА СИРОМАШНИТЕ

“Во време на Југославија бевме како кучиња кои не смеат да лајат против државата ама бевме најадени, Во демократска Македонија можеме да лаеме колку сакаме ама нема што да јадеме“

        Цитат на непознат граѓанин во радио емисијата Стадион на Канал 77

Во една од моите претходни текстови напишав дека светот е во очекување дали ќе има мирен трансфер на власта во Соединетите Американски Држави. Таа дилема остана во мислите на естаблишментот на западните демократии притоа осудувајќи ги насилните протести во Вашингтон на 6ти јануари. На CNN се изнаслушавме многу квалификации за Доналд Трамп, дека е социопат, диктатор и хушкач на омраза кон институциите и се што е законска норма во САД. Додека ги пишувам овие редови на текстот стигна вест за изјавата на Трамп кој кажа дека нема да се појави на инаугарицијата на Џо Бајден. Ако биде така, тогаш мирниот трансфер на власта ќе го нема церемонијалниот дел пред јавноста во кој симболично се ракуваат двата претседатели, едниот на заминување вториот на доаѓање.

Ние во Македонија ова го искусивме во април 2017 година и барем за вакви дестабилирачки настани имаме подобро искуство во однос на американците. За триесет години ги преживеавме сите екс-Југсловенски војни, во кои не знаевме на чија страна да бидеме. Ако се сеќавате добро, на почетокот нашите политички лидери-комунисти (кои преку ноќ станаа демократи), беа за некоја лабава конфедерација, па потоа за скратена Југославија (без Словенија и Хрватска), за да на крајот излезат од федерацијата со трик-референдумско прашање за независна и самостална држава. Во меѓувреме, сите девизни резерви и воена технологија беше однесена од режимот на Милошевиќ а нам ни останаа патиштата и фабриките со стара технологија. Со насилно опљачканите пари од Македонија и останатите републики ја финансираа војската на Милошевиќ. Најдобар пример за тоа е Есма Реџепова и Стево Теодосиевски чие штедење беше блокирано во Југо Банка. И украдоа 5 милиони марки штеден влог на нашата миротворка, која преку 40 години работеше и патуваше низ светот промовирајќи ја македонската и ромската музика.

Кои се официјалните објаснувања за настаните во 2017та кај нас и овие од пред неколку дена во САД? Во двата случаи доминира наративот дека граѓаните се изманипулирани и заведени од десничарските партии, кои беа на власт а кои мораа да си заминат поради изгубените избори. И во двата случаи изборните резултати беа со многу мала разлика, скоро пола-пола, во која и едните и другите прогласија победа. Епилогот кај нас заврши со мистериозното бегство на Груевски во Будимпешта, додека америчките институции сакаат предвреме да го избркаат претседателот Трамп затоа што не веруваат во него и неговите следни постапки. Уште една заедничка паралела на јавните дискусии во Македонија и САД, е таа што се обвинуваат Груевски и Трамп за главни поддржувачи и организатори на насилството и омразата кон институциите или спротивната политичка опција. Кај нас тепаа пратеници, во САД тепаа полицијаци и кршеа мебел. Кај нас носеа знамето на државата, на ВМРО и сонцето од Вергина, во Вашингтон, знамето на Америка и на конфедерацијата од граѓанската војна.

Медиумите и политичките аналитичари долго расправаа кај нас, сигурно ќе дебатираат и во САД, за штетните импликации врз угледот на државата, врз демократијата и уставот, стабилноста и просперитетот на државата и многу други последици произлезени од овие протести. Она што и во едниот и во вториот случај не се дискутира е кои се овие луѓе (што беа заведени) и зошто дојдоа од сите страни на државата за да насилно влезат во Собранието, или Капитол Хил во САД? Едноставниот  и прв одговор е – тоа се сиромашните граѓани на Македонија и САД, луѓе кои изгубија многу (или се) во изминатите 30 години, а кои наивно поверуваа дека е можно да се изведе граѓанска револуција по теркот на Француската Револуција. Иако од Француската Револуција поминаа преку 220 години, митот за неа дури и денес им служи на политичките елити во мобилизирањето на масите следбеници. Револуцијата на гладните донесе привидна слобода и единство во француската држава, ама не ја намали сиромаштијата и моќта на елитите. Сиромаштијата и моќта сеуште постојат и се поседувани од истите класни категории. Последователно, кај нас ништо не се промени после 27ми април, 2017, или пак сега ќе се промени во САД, со доаѓањето на Бајден. Да не се лажеме, еднаквост, правичност, праведност и слобода се истрошени зборови во вокабуларот на политичките елити. Немаат значење и смисол кој обичниот граѓанин го посакува или замислува за својо живот, за своето семејство и соседство. Ќе добие практична материјализација само доколку се изборите сами, со труд, знаење и (само)организирање.

Зошто сиромашните граѓани се решиле да манифестираат насилство во нивните протести? Затоа што можеби не гледаат друг избор или опција во справувањето со системот на моќта, со елитите кои се менуваат циклично, кои цело време зборуваат и ветуваат а сето друго останува исто. Затоа што секој ден добиваат лажни, полу-лажни и политички скроени информации, пораки, популистички флоскули, ветувања, анализи (на анализи) и маратонски реформи на закони и одлуки. Сиромашниот граѓанин не е само гладен и збунет, туку е уште повеќе бесен од стресот на дневната политика, во која опозицијата ја криминализира власта, и обратно – а во меѓувреме не можете да приуштите достоен оброк, образование или облека за вашите деца. Главното прашање е зошто „јас“ да не бидам анархичен кога власта е анархична, корумпирана и во спрега со криминалот? Во резонот на демонстрантите во Собранието остана краткото задоволство што беа фактор (макар неколку часа) за промени во општеството, додека овие во Вашингтон си направија “селфи“ и зедоа понекоја успомена од мебелот на Капитол Хил. Сите тие не знаеа што ќе прават после влегувањето во Собранието/Капитол Хил. Кај нив посилен беше гневот на сиромаштијата отколку резонот – што после насилното завземање на Собранието/Капитол Хил. Не станува збор за кратковидост на демонстрантите поради тоа што тие веруваа во оние што ги поттикнаа така да размислуваат и однесуваат. Кај нас пратениците отвараа врати, во Вашингтон десно ориентирани полицајци беа инфилтрирани во организирањето на протестите. Разликата е што САД имаат критична маса на професионалци и независни институции во своето делување. Кај нас се е под чизмата на власта, макар таа владеела криминално и вон законските норми.

Која е поентата и заклучокот на овој текст? Прво, демократијата влегува во рулет фаза во своето функционирање како општествен систем на уредување. Ако демократијата ја читаме како скриено име на капитализмот, тогаш најверојатно е дека таа и понатаму ќе ги служи интересите на богатите 1% кои поседуваат 70% од светското богатство. Тој еден процент богати не е спремен да се откаже од привилегиите на моќта и раскошниот живот. Тој еден процент богати веќе пет децении (од 1970 год) верува дека нема доволно ресурси на планетата за толку многу народ. Нивниот демографски стрес е поголем од стресот на сиромашните и затоа сме сведоци на контролирани војни за ресурси, територии и богатства во името на “демократијата“, слободата или човековите права. Неколку глобални анализи говорат дека капитализмот ја изгуби економската предност стекната преку грабежот од времето на колонијализмот. Истите заговараат нов модел на општествено уредување во кој богатите ќе мора да плаќаат поголеми даноци, за да има редистрибуција на приходите во општеството. Тестот за ваквите идеи пропадна во 2020 година, кога пандемијата наметна дебата за воведување универзален основен приход, без разлика дали луѓето се вработени или не. За жал, пандемијата уште повеќе го зголеми јазот меѓу богатите и сиромашните, профитот се зголеми повеќекратно кај богатите 1 % а сиромаштијата повеќе страдаше под немаштијата и здравствената диктатура.

Второ, во услови на глобална нееднаквост, во која средната класа е доведена на работ на сиромаштија (некаде исчезната), можно е да очекуваме многу нови “мини револуции“, ако може така да се наречат протестите од типот на 27 април 2017, или 6 јануари 2021. Во САД, прв пат демонстрантите се наречени домашни терористи. Поимот терористи досега по правило се употребуваше само за вооружените напади од страна на поединци муслимани (кои немаат врска со Исламот). Дали администрацијата на Бајден ќе започне домашен лов на “вештерки“ е едно од многуте прашања за следните 4 години, покрај справувањето со Ковид 19, гео-културната и геополитичка битка со Кина, Русија, климатските промени, меѓународните односи, итн. Не може да се предвидат точно последиците од следните протести, биле тие масовни, мирни или насилни. Можно е само да се предвиди дека јазот на нееднаквоста и неправичноста ќе продолжи да креира нестабилност во нашите општества. Нестабилноста носи непредвидливост, страдање на недолжните и секако нови форми на девијатно однесување во нашето секојдневие. Одмаздата на сиромашните ќе биде новата закана за мирот и просперитетот во следните 30 години. Во категоријата сиромашни за жал ги имаме сите класи, раси, етникуми и социјални категории. Според тоа, идните демонстранти не ќе можеме така лесно да ги дефинираме како лево или десно ориентирани, иако сите тие ќе бидат индоктринирани од владетелите и нивните опоненти. Лажните вести ќе се усовршуваат со напредокот на вештачката интелигенција така да нивната симбиоза со сиромашните гневни граѓани ќе биде нов инструмент за манипулација со јавното мнение. Можно е секоја следна одлука да ја легитимира државата со закон за поголема контрола на нашата слобода и однесување. Во некоја од послабите држави можно е власта да дојде во погрешни раце, на ловци на профит кои немаат култура на владеење туку само порив за заработувачка.

Да резимирам, јас не ги поддржувам ниту оправдувам насилните протести во Собранието и во Капитол Хил. Само укажувам дека такви настани ќе има се повеќе и насекаде поради фактот што човекот може да трпи неправда и сиромаштија до одредени граници. После тоа тој се побунува, бара правда и организира со сличните групи. Дали е тоа одмазда на сиромашните или бунт на општествено неуспешните, како некои кругови милуваат да квалификуваат, е сосем неважно затоа што сите тие луѓе се дел на нашата реалност, мината, сегашна и идна. Таа реалност низ вековите имала моменти на огромен дисбаланс и била причина за војни, економски кризи и промени во општественото уредување. Сите ние посакуваме и се надеваме на подобро утре а не сакаме да се промениме и покориме на човечноста и законите на природата. Манипулирањето со човечноста е можно да произведе нов Груевски, Трамп или недај боже Хитлер, режими во кои сиромашните се колатерална штета а елитите се збогатуваат. Манипулирањето со природата носат катастрофи, неповратно загубени ресурси (вода, воздух, почва, шуми, животински свет). Сето ова е јасна порака дека политиката треба да и се врати на природата, да престанеме да ја двоиме од физичкиот свет и климата. Ако тоа не го сториме, освен одмаздата на сиромашните, ќе ни се врати одмаздата на природата, која ќе има големи безбедносни импликации.

Јануари 2021

https://4rrr.wordpress.com/2021/01/09/%d0%be%d0%b4%d0%bc%d0%b0%d0%b7%d0%b4%d0%b0-%d0%bd%d0%b0-%d1%81%d0%b8%d1%80%d0%be%d0%bc%d0%b0%d1%88%d0%bd%d0%b8%d1%82%d0%b5/

 

Колумна – Надир Реџепи

Ќани Абдијоски

https://24vakti.mk

Related post