Опомени до МЕПСО од Европа, немаме струја, можни се рестрикции

Директорот на МЕПСО објаснува дека во такви случаи се презема енергија од европската мрежа и досега земјава тоа го направила четири пати без најава и добила четири предупредувања од Центарт во Швајцарија каде што се прават пресметките.
Македонија е во лоша енергетска ситуација и ги трпи последиците од проблемите на меѓународниот пазар. Владата одлучи да набави јаглен за РЕК Битола и за ТЕЦ Неготино, но тендерот за најголемиот производител во државата, РЕК Битола пропадна.
Сања Божиновска енергетски експерт за Фактор изјави дека состојбата со термо блоковите во РЕК е катастрофална.
„Блокот 3 е надвор од функција. Блокот 2 нема јаглен за работа и работи со максимална потрошувачка на мазут и малку јаглен со половина моќност на граница на технички минимум. Блок 1 е исклучен од погон поради тоа што нема јаглен и енормна потрошувачка на мазут со максимум од сите осум мазутни бренери и така се трошат 16 тони мазут на час и оптеретување од 120 MW. На 11 октомври е исклучен од погон затоа што технолошкиот процес не дозволува таков режим на работа. Термо блоковите не се квалитетно ремонтирани, котлите не се довршија со модернизацијата, десулфуризацијата не е направена, ниту еден проект за подобрување и одржување на опремата и заштита на животната средина не се реализира. Состојба вообичаена во последните 5 години, каде што имаме повеќе хавариски ситуации, отколку нормален производствен процес“, рече таа.