Пендаровски од Шуто Оризари: Македонија ќе оди напред само ако подеднакво ги вреднува сите етнички заедници
Претседателскиот кандидат Стево Пендаровски вечерва од Шуто Оризари порача дека Македонија, како мултиетничка земја, може да просперира и да оди напред само ако подеднакво ги вреднува сите етнички заедници.
„Ромите за мене се еднакви како и сите останати граѓани. Јас не ги разликувам луѓето по нивната верска или етничка припадност. Кај мене можел да дојде секој што ќе посака, без разлика дали е Македонец, Албанец, Турчин или Ром, дури и ако не гласал за мене,“ истакна Пендаровски и додаде дека во нашата земја има врвни интелектуалци Роми кои придонесуваат за развој на нашата заедничка татковина.
Во насока на афирмација и поголема видливост на Ромите во општеството Пендаровски посочи дека во рамки на неговиот тим како претседател има советничка која ги адресира проблемите и предизвиците на Ромите.
„Секогаш кога некој бара помош од мене, помагам во рамки на моите надлежности, но и надвор од нив. Се јавувам кај пријатели, пратеници, доктори. Мора да бидеме солидарни и да им помагаме на послабите, на маргинализираните”, заклучи Пендаровски.