#NEVIPE #NVO #ROMI

Ромите во Извештајот на ЕУ за напредокот на Република Северна Македонија во 2025 година

Ромалитико како и секоја година продолжува да ги следи наодите, заклучоците и препораките кои произлегуваат од последниот Извештај за напредокот на Република Северна Македонија за 2025 година на Европската Комисија кои се однесуваат на ромската заедница.

Европската Комисија нотира дека Република Северна Македонија постигнала задоволителен напредок во инклузијата на Ромите. Стратегијата за инклузија на Ромите 2022–2030 година продолжува да се спроведува, а значаен институционален чекор е назначувањето на Министер без ресор како Национален координатор и контакт точка за Ромите.

И покрај ова, Комисијата повторно нагласува дека стратегијата сè уште нема јасен пристап кон учество, еманципација и градење капацитети на ромската заедница. Интеринституционалната соработка е ограничена, а имплементацијата на акцискиот план за правата на ромските жени и девојки е умерена. Главни предизвици и понатаму остануваат нередовната посетеност на училиште, децата на улица и сегрегацијата во образованието.

Во делот на образование, се нотира напредок во пристапот на Ромите до сите нивоа на образовниот систем. Во учебната 2024/2025 година, 10.288 ученици од ромската заедница биле запишани во основното образование, додека 2.157 ученици биле запишани во средното образование. Министерството за образование и наука доделило 934 стипендии на ученици Роми во основно образование. Во високото образование се доделени 150 стипендии на ромски студенти, додека вкупниот број на активни студенти Роми е 250. Дополнително, 44 ромски образовни медијатори биле ангажирани во 26 општини.

Сепак, Европската Комисија укажува дека не постојат систематски мерки за справување со осипувањето на ученици, за поддршка на децата кои го напуштаат образованието или за целосно спроведување на задолжителното образование. Сегрегацијата и натаму претставува сериозен предизвик.

Во делот на препораки останува валидна насоката:
→ Да се подобри пристапот до квалитетно образование за сите, особено за децата со попреченост и децата од ромската заедница, и да се продолжи со развој на наставничките вештини и професионалниот развој.

Во областа на вработувањето, Европската Комисија нотира напредок преку вклучување на 1.453 Роми во програмата Гаранција за млади. Од нив, 271 добиле понуда за вработување во рок од четири месеци од вклучувањето во програмата.

И покрај ова, се препорачува државата да продолжи со имплементација на стратегии за активација на пазарот на трудот за млади, долгорочно невработени, лица со ниски квалификации, жени, лица со попреченост и Роми, и притоа да обезбеди соодветна евалуација на ефективноста на мерките.

Во делот на здравството, напорите за намалување на здравствените нееднаквости продолжуваат, но со ограничено влијание. Главни предизвици се и понатаму пристапот до услуги, дискриминацијата и нееднаквиот третман од здравствените работници, како и здравјето на жените Ромки. Недостасува поголема вклученост на здравствените власти, а активностите и натаму главно ги водат меѓународни и невладини организации.

Во делот на домување, се нотира продолжување на мапирањето на ромските населби. Сепак, поголемиот дел од населбите не се опфатени со урбанистички планови, што значи дека жителите и понатаму се соочуваат со ограничен пристап до јавни услуги и правна сигурност на живеалиштата.

Во областа на антидискриминација, во 2024 година се регистрирани 485 пријави за дискриминација во Комисијата за спречување и заштита од дискриминација. Најголем дел од овие случаи се однесуваат на дискриминација по основ на етничка припадност – категорија која несразмерно ги засега Ромите. Исто така, нотирани се пет случаи под засилен надзор во врска со полициска бруталност, нарушување на приватноста и дискриминација на ученици Роми.

Европската Комисија исто така забележува дека постои недостиг на дигитални вештини и ограничен пристап до технологија кај Ромите, што ја ограничува нивната способност да користат дигитални услуги, особено во областите како што се здравство, образование, вработување и социјална заштита.

Заклучно, Комисијата нагласува дека се потребни дополнителни напори и ресурси за да се забрза ромската инклузија, да се справи со антициганизмот, да се намалат образовната и просторната сегрегација и да се ублажат нееднаквостите со остатокот од населението. Како суштински елемент се посочува потребата од системско учество, еманципација и градење капацитети на ромската заедница.

Исто така се нотира континуираната работа на Владата на спроведување на приоритетите утврдени со Познанската декларација и на билатералните ЕУ–Рома семинари.

Ромалитико ја поздравува институционалната заложба за ромска инклузија преку именување на национален координатор, но укажува дека остануваат значајни предизвици на терен. Преведувањето на политичките заложби во конкретни, одржливи резултати останува императив за вистинска и трајна инклузија на ромската заедница.