Видео: Електричен автомобил прегази посетители на саем во Кина
Како по правило, со напредокот на технологијата, се подобрува и безбедноста на учесниците во сообраќајот, но понекогаш класичните решенија изгледаат далеку подобри.
Еден пример за ова е системот за стартување на моторот без клуч, што понекогаш може да доведе до опасна ситуација. На сето ова додадете го исклучително пргавиот и тивок електричен погон и толпата луѓе, и несреќите се само прашање на време.
Токму тоа се случи на меѓународната изложба на нови енергетски возила во Нанџинг.
На настан што се одржа минатиот месец, „Zeekr“ го изложи автомобилот „Extreme Krypton X“, кој поради непочитување на безбедносните правила во еден момент почна неконтролирано да се движи.
За време на несреќата повредени се пет посетители, меѓу кои и едно дете, а сите се хоспитализирани.
Според последните информации до несреќата дошло бидејќи автомобилот не бил во т.н „Exhibition“ режим. Бидејќи клучот бил доволно блиску до автомобилот, со еден од вработените, еден од посетителите случајно го активирал возењето и автомобилот тргнал напред, удирајќи во неколку посетители и две изложени возила.
Претставниците на производителот ја презедоа одговорноста и официјално се извинија, нагласувајќи дека во иднина ќе бидат повнимателни при изложувањето на автомобилите.